СДСМ бара ЕСМ да го повлече барањето и власта да се откаже од намерата за поскапување на парното. Поскапување на парното би било уште еден удар врз стандардот на граѓаните, вели Богданка Кузеска портпаролка на СДСМ.
„Од друга страна е лошо и во однос на загадувањето на воздухот. Власта треба да ја намали цената на парното за да ги стимулира граѓаните да се вратат и повеќе да се приклучат на парно“, вели таа и додава:
„Тоа ќе биде мерка којашто ќе влијае на намалување на загадувањето но и на намалување на цената на парното со вклучување на повеќе корисници“.
ЕСМ до Регулаторната комисија за енергетика поднесе барање за промена на максималниот регулиран приход и цена за 2024 година за дистрибуција на топлинската енергија.
Се наведува дека се бара зголемување на трошокот за гориво за 2024 година во износ од 12,92 отсто.
Регулаторната комисија на седница ќе го разгледа барањето на ЕСМ.