Владимир Перев

Војната во Украина, поточно речено, безскрупулозната руска агресија на Украина, донесе нови ветрови на светската политичка сцена и на Балканот воедно. Одново се слушаат зборовите “фашизам“ и “нацизам“ изречени од устата на вистинскиот неонацист во светот денес, рускиот претседател Путин. Кажаното од него е завиткано во светликава обланда, како вкусно колаче за малоумниците во Европа и национално одродените русофили на Балканот, нешто како отровно колаче за оние кои не ја почуствувале силата на нацисталинизмот! Сепак, се чини дека светот а посебно Европа ја разбраа отровната порака на рускиот диктатор, па ги здружија силите во одбрана на Украина. Во спротивно, ако Украина падне, Путин во друштво на Вучиќ, Додик од “републиката“ и веројатно Орбан, заедно со нашиот Грујо, за една седмица ќе пијат кафе во Париз, на Шанзелизе или некаде со поглед на Тримфалната порта.

Изострени се и односите на Балканот. Национализмот е пуштен на најјако, а Ковечевски, Курти и некои други, се борат за сопственото опстојување и опстојувањето на нивните држави во светскиот поредок. До каде е стигната работата, може да разбереме од изјавата на српската певица Јелена Карлеуша по повод излегувањето на нејзиниот најнов албум. Таа со погрдни зборови ја опиша бугарската верзија на српскиот турбофок, т.нар. чалга. Истата таа чалга од своја страна пак е една мешавина од српски, турски и грчки ритми. Дуетот што Јелена го направи со бугарската мега-ѕвезда Азис, не ѝ пречи да зборува во одбрана на сопствениот шунд и да го напаѓа бугарскиот како нешто што “смее да се слуша тајно на слушалки меѓу четири ѕида“, бидејќи поинаку е срамота. Политиката и национализмот влегоа на голема врата во уметноста и музиката, а доживеавме и една Карлеуша да ја брани сопствената нација од шундот, нормално, туѓиот.

Врз земјите од бившите југопространства, делимично и врз Бугарија и Романија, како и со нашата емиграција во светот, владе српскиот културен империјализам, олицетворен низ шунд музиката, шунд приказните и шунд поимањата за уметност. На кич плоштадот во Скопје, од соседните кафеани се слуша шунд српски турбо фолк, за сето тоа да бид обвиткано со некаков национален идеал за изгубената и никогаш непрежалена “Југа“. Некогаш брзоплето дадените изјави на босанскиот пејач Дино Мерлин за србите, предизвикаа национален гнев низ социјалните мрежи, кога некој се обиде да организира концерти низ Србија. Дино и концертите го преживеаја погромот, но остана горкиот вкус на фашизам во шудот, кој се претвори од “појава по себе, во појава за себе“…стана шунд-фашизам! Та тој талас броди Карлеуша, но не е сама. Тука е целата државна апаратура, во одбрана на своето и во наложување на другите.

Јасно е дека, на овој или оној начин, на полесниот или потешкиот начин, бугарите ќе влезат во Уставот на РСМ. Тоа е факт, неизбежна позиција во која се најде земјата. И воопшто не е важно кој ќе ги внесе, дали СДСМ или ДПМНЕ. Сепак, тоа треба да биде СДСМ, нивните претходници од КПМ беа основополагачите на југомакедонизмот во држава која не признава бугарски народ на својата територија. Тоа би било историска правда, а признанието и честитките треба да дојдат и од Белград и од Москва. Знаеме, тоа нема да стане, ама барем да се посака и да се каже.

Не треба да се заборави ролјата на балансерот во македонската политичка реалнот. Тој балансер ќе донесе бугари на функции во правосудието, политиката, полицијата, армијата и во ред институции на раководни места. Тогаш, и бугарите ќе ја имаат одговорноста за судбината на оваа несреќна територија, која грчевито се бори да стане вистинска држава. Не е одмината ролјата на балансерот, тој ќе си остане вечно, како Вечна Македонија, а ќе се појави и барање за балансер во музиката. Затоа нека се прашаат албанците, власите турците, египтјаните и другите што мислат за наводно, завршената ролја на балансерот…тој е единствената одбрана од шунд фашизмот, олицетворен само низ едни музички целини и изведувачи, толку присутни на нашите пространства.

Силиконските Цеца и Карлеуша, се само далечно ехо на Лепа Брена и времето кога во Софија ја носеа со хеликоптер на стадионот “Левски“ да им пее на бугарите со неразбирлив јазик, ама со мелодија и ритам, подобни на вкусовите на балканското едноумие. Морбидни беа сцените на стадионот, некаква перверзна реплика на “Лили Марлен“ во германското општество во врмето на нацизмот. Брена сеуште се држи и нема проблем, за разлика од судбината на “Лили Марлен“ толку пластично и трагично претставена од Хана Шигула во истоимениот филм! Германија се бореше против целиот свет и трагедијата беше неодминлива за сите актери. Лепа Брена беше шунд-фашизам но, сеуште актуелна во Бугарија. Вчера, на денот кога се одбележуваше гибелта на Тодор Александров, една бугарска телевизија, не почести со интервју со истата Брена. Таа остана во добро здравје и активност, а за среќа, бугарската држава не ги доживеа поразот и поделбата како Германија…шундот секогаш поминува со презир, ама сепак неказнето. Кога слушам дека Бранко Црвенковски сакал да формира нова партија, веднаш ми текнува формулата за успех: нека најде хеликоптер и нека ги донесе Брена и Цеца на стадион. Успехот му е загарантиран, ама конечниот резулат ќе биде шунд.

Не треба да се чувствува некаква нелагодност од евентуална бугаризација. За да има такво нешто, бугарите треба да дојдат овде. Во нашата колективна меморија, и покрај величествените дочеци на бугарската армија, тие -бугарите никогаш не дошле, тие само си заминуваат. На крајот на Втората светска војна си заминаа онака, комунистички, кукавички, оставајќи ги своите соработници на немилоста на новите србокомунистички освојувачи. Тоа е вистината.

Од внесувањето на бугарите во Уставот ќе има повеќе бенефити. Како прво, во Македонија ќе може да се чита богатата бугарска литература и журналистика во оригинал. За возврат, ќе ги принудиме бугарите, по основа на реципроцитет, да не ги преведуваат нашите текстови на бугарски туку да ги пуштат на македонски. Па, кој разбрал, разбрал, а на оние другите ќе им објаснат оние кои разбрале. Само треба да се разреши проблемот со србизмите во нашиот јазик и русизмите кај нив. Потоа сите ние во Македонија заедно ќе учиме албански…ако тие научија српски и македонски, наша должност е да го совладаме елементарно албанскиот. Некои од криминалците веќе го имаат научено, тие се здружени во единствена држава и визија, ама ние тоа уште не сме го осознале.
Патувањето од шунд кон фашизам е пат со кратка релација. Да се потрудиме сѐ да остане во рамките на глупавите статуи, триумфални порти и простачката музика. Ако тоа се повампири во идеја, судбината ќе ни биде предрешена…сталинизам и путинизам како светилка кон бедната и непостоечка иднина.
Затоа, слава на Украина!