„За жал, нашите надежи за заложбите на Скопје за промена на Уставот на Република Северна Македонија не се исполнија. Оваа промена е главниот услов на Советот на ЕУ за обезбедување на преговарачката рамка за Скопје. А што се однесува до декларацијата на Бундестагот – таа имаше за цел да ја игра улогата на мост за политичкото раководство на Република Северна Македонија, покажувајќи им на луѓето таму дека немаат причина да се грижат за својот идентитет, јазик и култура, а сигнал беше и дека Германија е на нивна страна. Тоа беше и сигнал до Бугарија дека сме обединети во нашето верување дека бугарското население во Северна Македонија ќе биде вклучено во Уставот“, изјави Мануел Сарацин, специјален пратеник на германската влада за Западен Балкан во интервју за Бугарското национално радио (БНР), пренесува Трибуна.

„Мислев дека овој мост е убав и стабилен. Но, за жал, се покажа дека македонската страна се уште не може да помине низ тоа. Се надеваме дека не се исцрпени можностите и дека новата влада во Скопје ќе го помине овој мост. Тие знаат дека можат да одат по патот со нас и се надевам дека ќе најдат начин да го направат тоа“, додава Сарацин.

Во однос на важноста на евроатлантската ориентација на Република Северна Македонија за премиерот на земјата Мицкоски, Сарацин изјави дека му верува кога тој вели таа е важна за земјата, но додава дека владата во РСМ треба да биде судена според нејзините заслуги и дека таа има право да ѝ се даде шанса.

„Во нашите разговори, г-дин Мицкоски истакна колку му е важна евроатлантската ориентација на Северна Македонија – нејзиниот пат кон Европската унија и членството во НАТО. И јас му верувам. Дали тој и неговата влада се навистина подготвени да одат по овој пат е премногу е рано да се каже. Мислам дека треба да ја судиме оваа влада според нејзините заслуги и таа има право да ѝ се даде таа шанса“, вели Сарацин.

Во однос на изјавите на премиерот Мицкоски и министерот за транспорт и врски Николоски во однос на Коридорот 8 и давањето приоритет на Коридорот 10, Сарацин е дециден дека изградбата на Коридор 8 е од стратешко значење.

„Не е во ред јас како претставник на германската влада да давам оценка, тоа треба да го коментираат европските институции, бидејќи транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Во мое лично својство мислам дека не е во рамките на овластувањата на една поединечна земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика. Ова е долг и комплициран процес со многу различни договори. За време на моите разговори во Софија, разбрав дека Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје. Изградбата на Коридорот број 8 е секако од стратешко значење“, вели Сарацин.

Што се однесува за улогата на Бугарија како регионален фактор, Сарацин смета дека земјата има можност да се докаже како конструктивен партнер и застапник на земјите од Западен Балкан.

„Берлинскиот процес и дава на Бугарија многу добра можност да покаже дека е конструктивен партнер и дека како сосед е силен поддржувач и застапник на земјите од Западен Балкан во пристапниот процес. Мислам дека европската интеграција на регионот е од политички и економски интерес за Бугарија. Конкретно, имам предвид изградба на заеднички регионален пазар, на пример, што беше споменато претходно. Јас сум целосно свесен и разбирливо е дека Бугарија во последните години гледа на интегративниот процес низ објективот на идното членство на соседна Северна Македонија. Но, тука гледам потенцијал Бугарија да остане конструктивен партнер во духот на договорот постигнат пред две години за почеток на преговорите со Скопје. Но, дури и надвор од оваа специфична тема – според мене, Бугарија има многу можности преку својата посветеност на европската интеграција на Западен Балкан да заслужи уште поголема почит од другите земји-членки на ЕУ“, вели во интервјуто за БНР, специјалниот пратеник на германската влада за Западен Балкан Мануел Сарацин.