Компромисот никогаш не е перфектен. но овој предлог предвидува процесот на пристапните преговори да почне веднаш и без условувања понатаму. Македонскиот јазик и идентитет се заштитени, вели германскиот претставник. „Сега е време да го направите следниот чекор кон ЕУ.
Вратата за напредок на Северна Македонија кон Унијата е толку широко отворена како никогаш досега, знам дека е тешко да се влезе во неа, но треба да продолжиме заедно по патот на ЕУ. Ако сега не се донесе одлука – тогаш ништо нема да се реши. Можеби воопшто нема да има можност за нов договор, или воопшто нема да има подобар од овој предлог“, порача на прес-конференција во Скопје, специјалниот германски претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, кој престојува во официјална посета на земјата.
„Имаме предлог на маса којшто е подобар од претходните- кој повторно ќе го преработи овој предлог?“, рече Сарацин на заедничката прес-конференција со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Бојан Маричиќ. Тој вели дека „земјата се што може треба да го направи сега за да се осигура за понесигурни времиња“.
Потенцирајќи дека станува збор за историски момент во кој се наоѓа и Северна Македонија и Унијата, тој смета дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан е од клучно значење. „Се наоѓаме во време на пресврт, инвазијата на Украина покажа дека треба заеднички да се организираме и сите да бидеме дел од европските институции. Проширувањето на Западен Балкан е клучно за тоа“.