На 31.10.2024 година, во ЈУ Дом на Култура „Кочо Рацин“ Скопје, во Салон Сутерен беше отворена самостојната изложба насловена “Почетоците” на Христина Мазнеска. Изложбата беше свечено отворена со музичка изведба на Христијан Ристески, со почеток во 19:00 часот.

Изложбата, според организаторот ќе биде отворена за јавноста до 08.11.2024 година.

Изложбата на сликарката и илустраторка Христина Мазнеска насловена „Почетоците“ претставува трилогија од три циклуси, концептуално поврзани меѓусебно, кои самостојно и во целина, ги опфаќаат метафизичките теми за материјата и енергијата, микро и макрокосмосот, виден од авторска перспектива.

Во првиот, насловен како и самата изложба, „Почетоците“, кој е интимистички и автореференцијален циклус, Христина низ еден своевиден дијалог и игра на бојата и цртежот, разоткрива период од својот микрокосмос; доживување или искуство низ кое поминала по својот животен пат. Една своевидна психосоматска транзиција и трансформација, предадена етапно и во целост. Бојата, која има примарна улога, е тесно поврзана со внатрешното јас т.е. микрокосмосот – емоциите, чувствата, па и самата аура. Така и во нејзините дела таа е разнолика и симболична, а во таквиот колоритен сензибилитет, инкорпорирана е и сивата боја – момент на колапс, премрежје. Или поинаку кажано, секојдневно сивило кое некој го живее краткорочно и сегментно, а некој секојдневно.

Динамичните аморфни облици се прикажани во една лирска игра на спојувања и одделувања. Низ еден апстрактен пристап, претставен е своевиден дијалог и дуел, соединување и разделба. Симболика на кога од едно станува две, а од две едно; вечната игра на двата принципи. Претежно во овие дела може да се долови женскиот принцип, мултиплициран и апстрахиран, доведен до момeнт на симбол, како алегорија на новиот почеток, но и космички портал кон животодарното, суштинското, есенцијалното. Машкиот принцип, од друга страна, е ставен во улога на дополнување на суштественоста на женскиот.

Вториот циклус насловен „Портали“ несомнено ја третира темата за макрокосмосот, или уметничко настојување за истражување на универзумот и паралелните светови. Во нив, примарен акцент е ставен на бојата и нејзиниот сензибилитет, додека пак цртежот, ставен во втор план, e со тенденција за негова елиминација. Ваквиот колоритен сензибилитет, предаден низ своевидна игра на аморфни структури, со еден експресионистички – апстракционен приод, Христина алудира на вечноста на материјата и енергијата и непостојаноста на формата. Ставајќи се во семи-демиурговска улога, Христина со нејзините „портали“ ги деконструира категориите простор и време и преку нив настојува да проникне во други, нови, непознати светови. Преку нив, како да се чувствува тој артистички ескапизам кон идеалното, совршеното.

Низ целиот циклус проникнува еден подлабок философско – метафизички набој, кој ја надополнува ликовната естетика. Нејзините дела како да се обременети со дополнителна философска мистика, па дури и теософска идеологија, барајќи претходно проучување и предзнаење од спектаторот, за да може идејата на уметникот дословно да биде предадена.

Циклусот насловен „Куфер со спомени“ содржи бројни разновидни скици, цртежи и минијатури, изработувани низ широк временски дијапазон, во различни техники и стилови. Иако е доста различен од претходните два, сепак концептуално се поврзува и надополнува на претходните два, градејќи една целина т.е. фаза од животот, или патот на уметникот. Низ тој пат се овековечуваат разни ликови, предели, настани. Трајни спомени кои како личен багаж ги носи Христина со себе по патот. Полн микрокосмос, кој сѐ уште останува докрај неоткриен, неспознаен.