Анкетниот лист на новоизбраната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска ќе биде предмет на разгледување на Антикорупциската комисија. Ова за ТВ21 го изјави претседателката на Комисијата Билјана Ивановска која вели дека предметот го отвориле по допрен глас од медиумите.
-Во функција на утврдување на фактичката состојба Државната комисија за спречување на корупција по допрен глас од медиумите отвори предмет за утврдување, односно проверка на имотната состојба на претседателката на Судскиот совет и на нејзините блиски лица, согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Тоа ќе значи дека во натамошниот период ние ќе ги побараме сите документи со кои ќе утврдиме дали таа вистинито ги пријавиле сите имоти што ги поседува таа и нејзиното семејство во Анкетниот лист“, вели Ивановска.
Во Анкетниот лист Црвенковска пријавила дека поседува станбена површина од 20 метри квадратни, односно дел од стан кој го добила од наследство, во вредност од околу 20 илјади евра. Како заеднички имот со сопругот има наведено дека поседува накит во вредност од околу 6 илјади евра и уметнички предмети од околу 10 илјади евра. На име на сопругот е наведено дека поседува глисер со вредност од околу 16 илјади евра, камп приколка 12 илјади евра, и автомобил марка Матиз со вредност од околу 1.100 евра. Но на овој Анкетен лист ја нема ниту фирмата ниту кредитот.