Само 42 % од институциите доставија податоци за службени возила пред локалните избори, соопшти Државната комисија за спречува на корупцијата.
Во согласност со Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаа обврска во рок од десет дена од денот на донесувањето на одлуката за распишување на локалните избори 2025, односно до 18.8.2025 година, до 24 часот, да достават податоци до ДКСК за бројот, видот, регистарските таблички и возната состојба на сите службени возила со кои располагаат институциите.
ДКСК на својата веб-страница го објави регистарот на службени моторни возила како законска обврска од Изборниот законик.
Исто така, со цел да се обезбеди транспарентно информирање на јавноста и да се спречи евентуална злоупотреба на службените возила во изборната кампања, ДКСК на својата веб-страница објави податоци за институциите што немаат доставено податоци за службените возила, како и преглед на податоци за марката и за регистарскиот број на возилата од институциите што не доставиле податоци, а располагаат со службени возила.
Обврска да достават податоци имаа вкупно 1.514 институции според податоците на Централниот регистар на Република Северна Македонија.
До 29 септември 2025 година 635 институции доставија податоци, односно 42 %, а 879 институции, односно 58 %, воопшто не доставија податоци.
Од 635 институции што доставија информации, 63 %, односно 403 тоа го сторија во законскиот рок и пријавија 4.079 возила, а 232 институции податоците за 2.558 возила ги доставија по истекот на рокот.
Од доставените податоци од 635 институции во регистарот досега се објавени информации за 578 институции, кои располагаат со 6.637 возила, а 57 институции известија дека не располагаат со возила.
Од вкупно 6.637 возила внесени во регистарот на возила, 5.456 се во возна состојба, 1.003 не се во возна состојба, а за 178 возила воопшто нема податоци за возната состојба.
Во однос на споредбата меѓу податоците што ги доставија институциите и оние што ги добивме од Министерството за внатрешни работи (МВР), утврдено е дека кај некои од институциите бројот на пријавени возила целосно се совпаѓа (34 % од институциите), но има и значителен број случаи, каде што институциите (66 % од институциите) пријавиле повеќе или помалку возила отколку што стои во евиденцијата на МВР.
Исто така, постојат и институции што пријавиле дека располагаат со возила (27 институции), а во податоците на МВР тие воопшто не постојат, што укажува на можност возилата да се водат на друго правно лице, но да им бидат дадени или отстапени на користење.
Постојат и податоци за возила со статус на класифицирани информации поради што тие не се јавно објавени.
Од 879 институциите што не доставиле информации, според податоците на МВР, констатирано е дека 192 институции располагаат со 2.028 возила, но не доставиле никакви информации до ДКСК.
Со оваа пракса се овозможува јавен увид и се поттикнува транспарентност и одговорност кај институциите кои имаат обврска да пријават службени возила, велат од ДКСК.
Текстот Само 42 отсто од институциите доставија податоци за службени возила пред локалните избори е превземен од МАКФАКС.