Територијата на Македонија е покриена со помалку од 30 отсто канализациона мрежа. Ова значи дека во просек речиси секое трето домаќинство е приклучено на канализација, останатите имаат септички јами или полски тоалети. Во 2017 на ниво на цела држава имало само 17 отсто изградена канализациона мрежа, тврдат од владата. Вицепремиерот за економија, Фатмир Битиќи, се пофали дека оваа власт направила повеќе канализациона мрежа од што било изградено во последните 25 години.
„Тоа значи дека во последниве четири години е направено некаде за 14 отсто повеќе проширување на канализационата мрежа низ цела држава. Ова значи дека понатаму треба уште да се работи во следните четири години“, рече Битиќи.
Доколку се задржи ова темпо на изградба на канализациони и водоводни мрежи ќе бидат потребни децении за сите граѓани во домовите да имаат нормални услови за живот. Денеска беа одобрени и потпишани последните проекти на локално ниво за и изградба на канализациони и водоводни проекти од парите кои се пренаменети за изградба на Карго аеродромот. За подобра и побрза реализација предвидено е плаќањата кон изведувачите да биде преку ТАВ Македонија и контролата на проектите да ја врши владата, а надзорот да е од страна на независна куќа избрана од општината. На тој начин парите со сигурност ќе завршат за најавените проекти, а не за непродуктивни трошоци.
„Од овие 35 проекти, 34 се проекти на општините, додека еден е проект за инвестиции на двата македонски аеродроми во вредност од 14,7 милиони евра. Меѓу проектите на општините во овој трет пакет, има локални патишта, водоводи, канализации и други видови градежни работи за општествено значајни проекти коишто ќе создадат поголема вредност за луѓето и за целото општество“, рече Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.
Сведоци сме дека добра дел од локалните власти изминативе години наместо да обезбедат основни услови за живот на граѓаните, буџетите ги трошеа за луксузирање и набавки на нови возила, мебел и на останати непродуктивни трошоци.
Иле Петревски