Министерот без ресор, Шабан Салиу, кој од 2008 година до 2017 година беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување и опфатен е со обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 62 млади лица, денес се вознемири од новинарско прашање дали од морални причини би поднел оставка. Тој прво праша кој медиум му го поставува прашањето, иако новинарката користи опрема со видливи ознаки, а место одговор на прашањето се пожали дека новинарите му судат, место судот.

„Не е коректно и не е фер новинарите да водат судска постапка. Има една општа пресумпција на невиност која сите ја знаете, се додека јас не бидам осуден, не сум виновен. Не чувствувам никаква вина и треба да оставиме судовите да донесат одлука и да ја водат постапката, не надвор од судовите“, рече министерот Салиу кој се појави на настан за одбележување на 2 август, ден кога стотици илјади Роми за време на Втората светска војна се убиени низ логорите на смртта и се заблагодари на премиерот и на Владата што овозможиле да се одбележи денот.

Не кажа дали размислува за оставка од морални причини.

Владата, пак, размислува дали да го разреши Салиу уште од април годинава. Во вторникот премиерот Христијан Мицкоски рече дека веќе е во комуникација со него за понатамошните чекори што треба да бидат преземени и дека ќе ја извести јавноста кога ќе има нешто ново.

Салиу заедно со 34 обвинети за пожарот во Кочани се сомничи за тешки дела против општата сигурност. Обвинителството соопшти дека за обвинетите од Дирекцијата за заштита и спасување постои сомнеж дека со неизвршување на должностите, спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување.

На Салиу му  е изречена мерка претпазливост и тој мора двапати недело да се пријави во судот. МАКФАКС.