Се намалува пикот на четвртиот бран, епидемиолошката состојба благо се подобрува, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали.
Министерот Сали и заменик министерот Владимир Рендевски ги посетија здравствените тимови на пунктот за серолошки скрининг во Битола, а остварија и средби со граѓаните.
Како што рече Сали, серолошкиот скрининг ќе овозможи да се добие јасна слика за општата состојба на населението, а од тоа ќе зависи и носењето нови препораки и мерки.
-Епидемиолошката состојба во цела држава благо се намалува, односно се намалува пикот од четвртиот бран. Нивото на вакцинација и целосна имунизација кај нас е пониска од државите членки на ЕУ. Ние посакуваме позитивни резултати од оваа анализа за да потоа ги намалиме мерките односно да бидеме послободни за функционирање. Ако добиеме позитивни резултати според кои ќе има над 70 отсто од вкупната имунизација во државата, тогаш ќе почнеме со олабавување и олеснување на мерките, истакна министерот.