Салија Бекир-Халим е параправничка и активистка во Иницијативата на жени од Шуто Оризари која неуморно се бори за унапредување на сексуалните и репродуктивните права на жените Ромки. Таа е инспирација за сите, особено за жените и девојките Ромки, секако и нам.
Повеќе од десет години жените од Шуто Оризари имаат проблем да обезбедат матичен гинеколог во општината. Според вас, на што се должи тоа?
– Проблемот со немање матичен гинеколог е долгогодишен и пред сè системски. Со приватизирање на здравството, односно со измените од јавно во приватно здравство, Шуто Оризари се соочи со голем проблем во делот на примарно здравство. Иако, во изминатата деценија имаше обиди за решавање на проблемот со немање на матичен гинеколог во општината. Две гинеколошки ординации краток временски период пружаа гинеколошки услуги но, за жал, си заминаа од нивни лични причини.
Во Шуто Оризари живеат 8.000-13.000 – според нашите теренски истражувања, жени во репродуктивен период, и практично се оставени без никаква здравствена заштита, токму во период кога се наоѓаме среде пандемија со ковид-19. Во оваа општина живеат поголем дел социјално загрозени жени, па оттука се јавува и проблем за да посетуваат гинеколошки ординации во околните населени места. Дополнителен проблем е и одвраќањето на жените при јавувањето во другите околни места за избор на матичен гинеколог и тоа најчесто поради зголемен обем на работа и според изјавите дека имаат преголем број пациентки. Секако, ова наведува дека постои системска дискриминација по основ на етничка припадност и токму ова е показател за државата да преземе системски мерки за да го спречи ова. Незаконската наплата дополнително го ограничува и пристапот до гинеколошки услуги, бидејќи секоја жена не може да си ги дозволи овие плаќања токму поради тоа што се голем број невработени. Само за споредба, во 2020 година, нашето истражување покажа дека 61% од 100 испитанички платиле кај своите матични гинеколози за ехо преглед, во текот на бременост, иако овие услуги се целосно бесплатни.
Освен проблемот со гинеколог, жените во Шуто Оризари се соочуваат и со проблеми за закажувања кај општ лекар, како се снаоѓаат, или едноставно од овие причини ги прескокнуваат прегледите? Што би им порачале на властите?
– Во Поликлиника Шуто Оризари, освен немањето матичен гинеколог, дополнително се јавува проблемот со немање матични општи лекари. Изминатава година Поликлиниката работи со четворица доктори и една приватна амбуланта, која има склучено договор со Фонд за здравствено осигурување. Изминатава година двајца доктори се пензионираа, а оваа година се очекува уште една докторка да се пензионира. Голема е бројката на пациентите што се оставени со здравствените картони во рацете да се снаоѓаат како знаат и умеат. Овој период е особено критичен за Ромите од Шуто Оризари бидејќи кога се јавуваат во околните ординации кои не се во нивна близина, особено во услови на пандемија кога е потребна постојана грижа. Често ги придружуваме лицата до ординациите за да им помогнеме да направат реизбор на матичен лекар. Во Амбулантата во Шуто Оризари, и покрај тоа што е поликлиника, има недостиг на матични општи лекари, а сепак потребно е да има и педијатри, рендгенолози, доктори по интерна медицина итн. Често се случува да нема ниту дежурна служба, па оттаму се јавуваат дополнителни проблеми за здравјето на Ромите. Според нашите сознанија од терен, Ромите најчесто ги прескокнуваат превентивните прегледи и на лекар се јавуваат само во итни случаеви и за препишување на терапија.
Веднаш и најитно, Министерство за здравство да преземе конкретни чекори за Поликлинка Шуто Оризари и да распише оглас за нови концесионери. Дополнително, да се назначи управна служба за Поликлиника Шуто Оризари, бидејќи нема управител, и да се субвенционираат специјализантите кои ќе работат во Шуто Оризари.
Вие сте активистка во Иницијативата на жени од Шуто Оризари, освен овие гореспомнатите, кои се најгорливите проблеми со кои овие жени секојдневно се среќаваат?
– Невработеноста е голем проблем на жените Ромки, генерално во целата држава. Нискиот степен на едукација ги прави неконкурентни на пазарот на трудот, но тоа не значи дека нивниот социо-економски статус треба да остане непроменет. Во рамки на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во 2019 година имавме едно истражување за вработеноста на Ромки во институциите, па така добивме фрапантни податоци. Во центрите за вработување нема вработена Ромка, од вкупно 69 раководни работни места во центрите за социјална работа нема ниту една Ромка вработена. Во 2019 година, само 169 Ромки биле вклучени во активните мерки за вработување, нема вработени Ромки на раководни места и во државните места во Владата на РСМ итн.
Ако ги сумираме сите овие податоци слободно можеме да кажеме дека Ромките во нашата држава се повеќекратно дискриминирани и тоа по најразлични основи: етничка, родова, социо-економска итн. Државата треба сериозно да размисли и да делува во насока на надминување и креирање на политики за маргинализираните заедници, а ние како активисти и граѓани од заедницата спремни сме да дадеме препораки за нивно надминување.