На плоштадот под Градскиот саат во центарот на Прилеп,  вторпат се одржа Саем на земјоделски производи од Пелагониско-поречкиот регион. Саемот е во пресрет на 15 Октомври – Меѓународниот ден на жените од руралните средини, во организација на невладината „Лаг Агролидер“ од Кривогаштани.

На саемот беа изложени и промовирани органски производи, слатко и џемови, мед и пчелни производи, ајвари, макала и многу други традиционални производи.

– Со години произведувам козјо сирење. Предизвиците за руралната жена се големи. Мајка сум на три деца, сопруга и произведувам, мора да се живее. Се бара козјото сирење, имаме редовни муштерии. Има субвенции од државата, сега се преполовени, тоа недостасува, ама мора да се унапреди производството за да се живее пристојно, изјави Соња Кусоска, производител на козјо сирење од крушевското село Свето Митрани.

Производителите нагласуваат дека во Пелагониско-поречкиот регион има одлични услови за земјоделско еколошко производство, но не се доволно искористени.  Недостасуваат инфраструктурни вложувања, а потребен е и заеднички настап на производителите.

– Произведуваме мед и пчелни производи. Имаме и фарма за свињи. Од едно не може да се преживее, па се занимаваме и со житни култури. Државата поагилно да нѐ поддржува. Треба да има и добра инфраструктура, изјави фармерот од Долнени, Горан Најдоски.

Митре Јосифоски од Поречието нагласи дека тоа е богат, еколошки чист крај, ама неискористен и без развиена инфраструктура

– Еве, костените се најквалитетни и најпознати, има фарми со аронија, овоштарници, еколошки здрава храна, ама не се искористува доволно. Крајот не е развиен иако сите политичари досега само ветувале, вели Јосифоски.

Гордана Цветаноска произведува зеленчукови и овошни производи, зимници и за неа е битно руралната жена да е организирана и сплотена и со поддршка од локалната и централна власт.

– Само организирано, руралната жена може да ги покаже своите афинитети во земјоделското производство. Овие саеми се добар пример, ама организираноста за настап и презентација недостасува. Има обиди во Ресен, се надевам и во Прилеп. Секако, треба да стигне институционалната поддршка, изјави Цветаноска, производителка од прилепско Мало Коњари.

И во 21 век сѐ уште се истите предизвици со кои се соочуваат руралните жени – пристап до социјални и здравственио услуги, до можност за економски раст и развој.

-Она што денес е вистинска реалност е дека руралните жени не се препознати со нивното значење во нашата држава. Треба повеќе да се работи за да се обезбеди поддршка за нив и да им се овозможи социоекономски развој, изјави Марина Тошеска од невладината организација „Лаг Агролидер“ од Кривогаштани, организатори на Саемот на земјоделски производи.

Саемот се одржува вторпат, во пресрет на Меѓународниот ден на жените од руралните средини – 15 Октомври. Манифестацијата беше збогатена и со културно-уметничка програма на Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“ од Прилеп, а за децата беше подготвено забавно катче за да се запознаваат со земјоделските производи и со здравата исхрана.