Претседателот на САД, Џо Бајден за уште една година ја продолжи уредбата за вонредна ситуација на Западен Балкан, оценувајќи оти регионот и понатаму претставува закана по американската национална безбедност и надворешна политика.

– Активностите на поединци кои го загрозуваат мирот и меѓународните напори за стабилизирање на ситуацијата на Западен Балкан, вклучително и актите на екстремистичко насилство и нарушувачки активности, кои го попречуваат напредокот кон ефективно демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции, продолжуваат да претставуваат необична и вонредна закана по националната безбедност и надворешната политика на САД, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Уредбата првпат е воведена на 26 јуни 2001 под број 13219 со која тогашната администрација ги прогласи вонредните мерки за Западен Балкан во согласност со Законот за меѓународни вонредни економски овластувања.

– Лицата кои помагаат, спонзорираат или поддржуваат насилство во поранешна Македонија, сега Северна Македонија, но и во други делови на регионот и активности со кои се опструира примената на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина или Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединети нации донесена на 10 јуни 1999 година, се истакнува во соопштението.

Содржината на уредбата е сменета во 2003 година за да се применат дополнителни чекори поврзани со попречувањето на примената на Охридскиот рамковен договор од 2001 година во Северна Македонија.

Во јуни 2021 година проширено е важењето на уредбата на национално ниво со што е прецизирана состојбата на просторот на поранешна Југославија и Албанија во изминатите две децении, вклучително поткопувањето на повоените договори и институциите по распадот на земјата, како и широко распространетата корупција ви владите и институциите на Балканот, што го попречува напредокот кон ефикасно и демократско управување.

– Отежнати се и целосните интеграции во трансатлантските институции, што претставува закана за националната безбедност и надворешна политика на САД, се истакнува во соопштението од Белата куќа.