САД виделе показатели дека руската војска во нападот врз Украина користи таканаречени неми бомби кои не се наведувани и во голема мера го зголемуваат ризикот да се промаши целта, изјави денеска висок претставник на американската одбрана.
– Имаме индикации дека Русите всушност фрла нема муниција, изјавил функционерот за некои светски агенции кој побарал да остане анонимен, додавајќи дека САД забележале „зголемена штета на цивилната инфраструктура и цивилни жртви“.
Изјавата е објавена веднаш откако Украина денеска ја обвини Русија за бомбардирање на детска болница во опколениот пристаништен град Мариупол. Според украинските власти, од почетокот на руската инвазија во Мариупол се убиени најмалку 1.170 цивили.
Бројките засега не можат да бидат потврдени од независен извор.
Русија негира дека нејзини цели се цивили и вели дека користи прецизна муниција во својата „специјална воена операција“ во Украина и оти гаѓа воени цели.