Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, изјави дека неговата земја е подготвена да се одбрани додека САД размислуваат за копнен напад. Тензиите се на врвот поради големото американско воено распоредување во Карибите, кое вклучува носач на авиони и илјадници војници, пишува Скај њуз.

Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со својот тим за национална безбедност синоќа откако минатата недела предупреди дека копнените напади би можеле да започнат „многу наскоро“. Иако деталите од состанокот не беа објавени, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, им изјави на новинарите: „Претседателот има многу опции што се на маса – и ќе го оставам тој да зборува за нив“.

Американските сили извршија најмалку 21 напад во последните неколку месеци врз бродови за кои тврдат дека превезуваат наркотици до американските брегови. Белата куќа го обвинува Мадуро за вмешаност во трговија со дрога, што тој жестоко го негира.

Мадуро: „Ова е психолошки тероризам“
Мадуро, кого западните земји најчесто го сметаат за диктатор, вчера на митинг во Каракас изјави дека Венецуелците се подготвени да „ја бранат земјата и да ја водат по патот на мирот“. „Преживеавме 22 недели агресија што може да се опише само како психолошки тероризам“, им рече тој на своите поддржувачи.

Венецуела вели дека нападите на САД врз бродовите, во кои загинаа повеќе од 80 луѓе, се еднакви на убиство. Според Каракас, вистинскиот мотив на Трамп е да го собори Мадуро со цел да ги заплени венецуелските резерви на нафта.

Текстот САД размислуваат за копнен напад врз Венецуела; Мадуро: Подготвени сме да се браниме е превземен од МАКФАКС.