САД соопштија дека ѝ понудиле на Украина силни безбедносни гаранции слични на оние од НАТО, а Вашингтон изрази увереност дека Русија ќе ги прифати. САД го опишаа потегот како потенцијален пробив во напорите за завршување на војната, објави „АФП“.

Американските претставници ги опишаа часовите разговори во Берлин со претседателот Володимир Зеленски како позитивни и рекоа дека претседателот Доналд Трамп ќе оствари телефонски разговори подоцна на 15 декември и со украинскиот лидер и со европските партнери за да го унапредат договорот.

Во исто време, американските претставници нагласија дека Украина исто така мора да го прифати договорот, за кој велат дека ќе обезбеди безбедносни гаранции во согласност со Член 5 на НАТО – принципот на колективна одбрана, според кој нападот врз еден сојузник се смета за напад врз сите.

„Основата на овој договор е во суштина да обезбеди навистина, навистина силни гаранции – слични на Член 5 – како и многу силно одвраќање преку обемот на украинските вооружени сили“, рече американски функционер, зборувајќи под услов на анонимност.

„Овие гаранции нема да бидат на маса засекогаш. Тие се на маса токму сега, ако се постигне заклучок на правилен начин“, додаде тој.

Трамп претходно ја отфрли можноста Украина формално да се приклучи на НАТО, идентификувајќи ги аспирациите на Киев за членство во алијансата како една од причините за инвазијата на Москва во 2022 година.

Сепак, друг американски функционер изрази увереност дека Русија ќе го поддржи предложениот договор.

„Мислам дека Украинците, како и Европејците, би ви кажале дека ова е најробусниот пакет безбедносни гаранции што некогаш го виделе. Ова е исклучително силен пакет“, рече вториот претставник.

„Се надевам дека Русите ќе го разгледаат и ќе речат: „Ова е прифатливо бидејќи немаме намера – им веруваме на збор – да го прекршиме“. Но, ако има прекршувања, тие ќе бидат решени преку овој безбедносен пакет“, додаде тој.

Првиот американски функционер призна дека сè уште нема договор за прашањето за територијата. Трамп постојано изјавуваше дека Украина неизбежно ќе мора да отстапи територија на Русија, исход што е неприфатлив за Зеленски по речиси четири години одбрана на земјата.

Истиот извор посочи дека САД разговарале со Зеленски за идејата за создавање „економска слободна зона“ во областите што моментално се предмет на воен спор.

„Поминавме многу време дефинирајќи што би значело тоа и како би функционирало. На крајот, ако можеме да го разјасниме тоа, тогаш од страните ќе зависи да ги решат конечните прашања поврзани со суверенитетот“, рече тој.

Разговорите во Берлин ги водеа Стив Виткоф – деловниот партнер на Трамп и патувачки глобален преговарач – и Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател.

Текстот САД: Разговараме за договор што обезбедува силни гаранции за безбедноста на Украина е превземен од МАКФАКС.