САД не планираат дополнителни чекори против Иран во пресрет на предложените разговори за американското враќање во нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, соопшти портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Таа рече дека идејата за разговори меѓу Иран и шесте светски сили, кои го потпишаа договорот во 2015 година потекнала од ЕУ. Договорот го потпишаа Иран и САД, Велика Британија, Франција, Русија, Кина и Велика Британија.

„Европејците нè поканија и… тоа е едноставно покана за разговор, за дипломатски разговор“, изјави таа за медиумите во претседателскиот авион додека претседателот Џо Бајден патуваше за Мичиген.

ЕУ работи на организирањето неформален состанок со сите учесници, соопшти висок претставник на Унијата.

Бајден рече дека Вашингтон е подготвен повторно да соработува со меѓународните партнери кои ги потпишаа нуклеарниот договор со Иран. Бајден исто така рече дека неговата администрација ќе работи со Европа и со „другите партнери“ за решавање на „дестабилизирачките активности ширум Блискиот Исток“.

Петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија во 2015 година го потпишаа нуклеарниот договор со Иран кој предвидува ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции против Техеран.

Но, поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече од договорот во 2018 и воведе остри санкции против Иран. Како одговор на тоа, Техеран сè повеќе го крши потпишаниот договор.

САД претходно оваа недела соопштија дека се подготвени да разговараат со Иран за двете земји да се вратат на придржување до обврските од договорот, кој има за цел да го спречи Техеран да развие нуклеарно оружје. Двете земји сепак не се согласуваат за тоа кој треба да го направи првиот чекор.

Иран смета дека САД треба прво да ги укинат санкциите, додека Вашингтон вели дека Техеран мора прво да почне да се придржува до договорот. Иран на 19 февруари соопшти дека „веднаш ќе се врати“ на договорот кога американските санкции ќе бидат укинати.