Третиот состанок на Контакт групата за испорака на оружје за Украина, на кој ќе присуствуваат речиси 50 земји, ќе се одржи в среда во Брисел, кога ќе се утврди каква дополнителна помош може да се обезбеди. Ова го соопшти постојаната претставничка на САД во НАТО Џулијан Смит на брифингот во Брисел.

– САД имаат намера да ја исслушаат Украина и да разговараат за каква друга помош може да обезбеди НАТО. За таа цел, САД ќе одржат трет состанок на Контакт групата за испорака на оружје за Украина со речиси 50 земји в среда, рече таа. Состанокот ќе се одржи пред планираниот состанок на министрите за одбрана на НАТО во Брисел на 15 и 16 јуни.

– Земјите од НАТО се обидуваат да се прилагодат на барањата на Киев за дополнителни испораки на оружје, кои постојано се менуваат, изјави американската амбасадорка во Алијансата. – Речиси секој ден слушаме директно од нив (украинското раководство) за нивните потреби, за кои сметаат дека им се потребни, рече таа.

– Списокот се менува. Прво се фокусиравме на опремата за противвоздушна одбрана, потоа разговаравме за муниција, имаше момент кога зборувавме за крајбрежна одбрана, разговаравме за тешка ракетна артилерија, потоа разговорот се префрли на оклопни возила, истакна таа и нагласи дека САД соработуваат со своите партнери за да испорачаат оружје што е можно побрзо.