Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави дека администрацијата на претседателот Џозеф Бајден ги следи напорите на руските разузнавачки служби „насочени кон поткопување на вакцините на „Модерна“ и „Фајзер“ против коронавирусот“.
-Ние сме свесни за тоа, ги следиме и преземаме чекори за решавање, рече Псаки синоќа пред новинарите.
Според неа, САД со сите средства ќе се борат против руските дезинформации.
-Секако дека сме запознаени со пристапот и тактиката на руските напори за дезинформации, рече Псаки, додавајќи дека администрацијата на претседателот Бајден „во секоја прилика ќе повтори дека вакцините се безбедни“.
САД идентификуваа три интерент публикации исфабрикувани од руското разузнавање, за кои тврди дека имаат тенденција да ги поткопаат вакцините против Ковид -19 произведени од „Фајзер“ и „Модерна“, рече Псаки.
-Тие ширеа многу видови дезинформации, вклучувајќи ги и оние за вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“, како и за меѓународните организации, воените конфликти, протестите и какво било прашање на поделба што тие можат да го искористат, рече Псаки.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го демантираше американското тврдење дека Русија шири лажни информации за вакцините, пренесоа британските меидуми.