Пишува: Амб. ЛАРИСА ДИР

Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија

Неизмерно сум им благодарна на македонското Собрание, Владата, медиумите и општеството за неверојатната поддршка и помош за Украина, како и за покривањето и споделувањето на вистинити информации за Гладоморот од 1932-1933 година во Украина, геноцидот врз украинскиот народ, што продолжува и сега од страна на државата – терорист рф .

Украина чувствува силна поддршка од демократските земји во светот. Тоа особено беше многу забележливо во рамки на комеморативните настани во светот во чест на почитувањето на споменот на жртвите на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина, што се одржа на 26 ноември 2022 година.

Деновиве, уште четири земји се приклучија кон меѓународното прогласување на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина, вештачки создаден од сталинистичкиот режим. Така, парламентите на Германија, Ирска и Молдавија усвоија одлука за прогласување на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина како геноцид врз украинскиот народ. Парламентот на Романија го прогласи Гладоморот од 1932-1933 година како злосторство против украинскиот народ и против човештвото.

Денешната политика на рф убиствено и доследно ја продолжува политиката на сталинистичка репресија насочена кон истребување на Украинците – прибегнува кон користење на храната како оружје – овој пат со цел да ја уценува светската заедница, предизвикувајќи прехранбена криза од нејзините дејствија. Со својата агресивна воена кампања против целиот свет, рф ја уништува украинската земјоделска инфраструктура, краде украинско жито од привремено окупираните територии на Украина и ја поткопува работата на Црноморската иницијатива за жито.

По 9 месеци руска воена агресија против Украина, луѓе во другите делови на светот се соочуваат со недостиг на храна. Стотици милиони луѓе во светот може да настрадаат од убиствената политика на русија.

 

Украина ја разбира својата одговорност и останува на зборот, останувајќи гарант за безбедноста на храната. Украина од прва рака доживеа што е тоа вештачки глад и со сите достапни средства се стреми да спречи повторување на гладоморите ​​во светот.

На 26 ноември 2022 година, на Денот на сеќавање на жртвите на Гладоморот, Украина официјално го објави почетокот на новата хуманитарна иницијатива „Grain from Ukraine“ и го одржа првиот Меѓународен самит „International Summit оn Food Security“ во Кијив. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, истакна дека „Суштината на нашата нова хуманитарна иницијатива е многу едноставна, транспарентна, многу важна. Планираме да испратиме најмалку 60 бродови од украинските пристаништа во земјите кои се најпогодени од кризата со храна и имаат потреба од итна помош. Се работи за такви држави како Етиопија, Судан, Јужен Судан, Сомалија, Конго, Кенија, Јемен и други“.

Низа лидери пристигнаа во Кијив за да учествуваат на првиот самит „International Summit оn Food Security“ и да ја поддржат иницијативата „Grain from Ukraine , вклучително претседателот на Унгарија, Каталин Новак, Премиерот на Белгија, Александру Де Кро, Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки и Премиерот на Литванија, Ингриди Шимоните. Високи претставници на голем број држави и меѓународни организации се приклучија на настанот во онлајн формат.

Својот финансиски, технички или логистички придонес кон иницијативата, исто така, го најавија и Австрија, Бугарија, Обединетото Кралство, Грција, Естонија, ЕУ, Ирска, Шпанија, Италија, Канада, Катар, Латвија, Холандија, Германија, Норвешка, Португалија, Романија, Словенија, САД, Турција, Финска, Франција, Хрватска, Чешка, Швајцарија, Шведска, како и НАТО и ОН.

Генерално, во рамките на иницијативата веќе се акумулирани повеќе од 180 милиони американски долари. Собраните средства ќе бидат искористени за снабдување со украинска храна на земјите во Африка и Азија кои најмногу страдаат од глад. Во моментов, повеќе од 30 земји и меѓународни организации се изјаснија за поддршка на оваа важна иницијатива.

Иницијативата „Grain from Ukraine“ останува отворена за приклучување на други земји во текот на целиот период на нејзината работа.

Превземено од Цивил Медиа