Ружица Максимовска Антиќ (40) е успешна деловна жена, дипломирала новинарство, магистрирала надворешна политика и дипломатија. Ружица е главен и одговорен уредник на списанието „Портрет“ и содржински уредник на „portret.digital“.

Која е Ружица? Кога размислува за своето детство, секогаш ја преплавуваат убави спомени и чувства, па затоа вели дека имала среќно детство.

Секој влегува различно во секоја љубовна приказна и секој носи различни емоции за својот партнер. Можеби нешто што за еден човек е неприфатливо, за друг е обичен дел од секојдневието.

– Моите родители беа целосно посветени и грижата за своите деца ја имаа сфатено многу сериозно и одговорно, па буквално секое слободно време го поминуваа со мене и мојата сестра. Честопати размислувам дали можам да се посветам на сопствените деца, на начинот на кој тие нѐ растеа нас. Предностите од растење во такво семејство се огромни и секој ден ги гледам бенефитите од нивниот труд. Имав премногу среќни моменти, но еден ми доаѓа, вака „на прва“, кога освоив прва награда на натпревар по македонски, на градско ниво. Помнам кога ми го прочитаа името дека ќе се расплачев од среќа. Е, сега тоа што на републички бев меѓу последните не е ни важно. Тажните моменти биле најчесто поврзани со смрт на некое милениче, зашто буквално од кога имам спомени, имаме домашно милениче, така е и до денешен ден. Растев опкружена со многу љубов, разбирање и секаков вид помош – ни рече нашата соговорничка Ружица.

Можете ли да препознаете некоја ситуација, период од вашето детство или тинејџерски години кој најмногу влијаел врз вашето формирање како личност?

– Од својата 11 година тренирав одбојка, се натпреваруваме во Прва државна лига и сметам дека ништо не може да го замени влијанието на спортот, врз карактерот на децата во развој. Јас имав често и по два тренинга на ден, одевме на зимски и летни кондициони подготовки, научив што значи пораз, победа, научив да почитувам авторитети, научив да сум самостојна и одговорна. Така што, дефинитивно, тоа беше најголемиот патоказ во кој правец сакам да растам и да се развивам како личност.

Фото: Приватна архива

Сведоци сме дека последниве години се случуваат преголем број разводи. Која е според вас генералната причината за тоа?

– Па, сметам дека бракот како институција е сериозно загрозен, од развојот на социјални мрежи. Едноставно сите имаме друга психологија, други навики, друг начин на размислување, што кај нас ги развија социјалните мрежи и премногу е тешко да се остане моногамен. Од друга страна, сите живееме динамично, најчесто нè поминуваме квалитетно време со семејството и имаме сè помалку разбирање, емпатија еден за друг, генерално како луѓе.

Да имате можност да го вратите времето назад, би направиле ли нешто поинаку?

– Па многу работи би направила поинаку, но можеби не би била среќна како што сум сега. Затоа ништо не би менувала, едноставно јас сум горда на своите грешки, ме научиле преубави работи. Сигурно повеќе би патувала, зашто пандемијата ни покажа дека не сме биле свесни во каква слобода сме живееле.

Знаеме дека во бракот мора да се прават безброј компромиси, но која е црвената линија, која вие како жена, сметате дека никоја од нас не смее да ја премине?

Фото: Приватна архива

– Сметам дека секоја врска е многу интимна и индивидуална, па не би сакала на ваква тема да генерализирам. Секој влегува различно во секоја љубовна приказна и секој носи различни емоции за својот партнер. Можеби нешто што за еден човек е неприфатливо, за друг е обичен дел од секојдневието. Сите сакаме на различен начин и сите различно гледаме на лојалноста кон партнерот. Секако особено би истакнала дека семејно, психичко и физичко насилство не треба да е прифатливо никогаш за никого.

Какви совети им давате на вашите синови во однос на изборот на животен сопатник, и генерално за нивниот однос кон женските личности?

– Најважната лекција што сакам да ја научат моите деца, во однос на избор на нивен партнер, е дека никогаш не смеат да се насилни и агресивни. Многу внимавам и постојано им зборувам дека кон своите другарки треба да се однесуваат со многу љубов. Сакам моите деца да знаат да бидат добри другари, добри луѓе. Им укажувам на некоректност во нивен однос со другарче и за најмали ситници. Мислам дека е многу важно да сме реални за квалитетите, но и за слабостите, односно за маните на своите деца. На тој начин ќе имаат реална слика за себе и ќе им биде многу полесно да ги разберат сите релации во текот на животот.

Приказната за списанието „Портрет“ е уште еден дел од вас, бидејќи е повеќе од очигледно дека сè тоа го работите со голема љубов и посветеност и не претставува само начин да „се тера бизнис“. Како вие лично го доживувате „Портрет“?

-„Портрет“ го доживувам како моја лична приказна, премногу емотивно ја работам својата работа и веројатно тоа се забележува. Јас и моите колеги го создадовме „Портрет“  буквално од име, од тоа како да се вика, до изглед на рубрики, содржини и слично и затоа сите гледаме на него како на дел од нас. Многу ми е мило што после шест години напорна работа, сè уште гледаме предизвик да сме подобри и поуспешни. Среќна сум што ја проширивме дејноста на нашата работа, отворивме дигитална платформа, работиме видео продукција и содржина за социјални мрежи за нашите клиенти. Мислам дека имаме читателска публика што во нас препозна соборец за зачувување на локалните, македонски, културни вредности. Содржините во „Портрет“ се авторски и автентични, што во денешно време е навистина за почит. Среќна сум со мојата работа, за себе сметам дека можам уште подобро да работам, се надевам дека ќе имам мотив и инспирација секогаш.

Која личност е за вас најголем позитивен пример и авторитет на кој гледате со искрена почит?

– Мојата сестра. Иако е помала седум години, неизмерно ја сакам и почитувам, сметам дека е многу квалитетен човек и голем другар. Многу работи имам научено од неа, сè уште секојдневно ме инспирира и ме мотивира да сум подобра личност. Ние сме најдобри другарки цел живот и мислам дека нема поубава работа од тоа. И да, заборавив, ви благодарам премногу за убавите зборови.

Позади секоја успешна жена стои?

– Позади секој успешен човек стојат многу грешки и многу работа. Клучот до успехот е единствено – работа. Мислам дека нашата јавност е критички настроена постојано, што можеби демотивира многу луѓе што имаат јавна професија да направат нешто ново. Единствен начин да си подобар е да работиш на себе, буквално само тоа е важно. Секој талент, секоја можност без работа е ништо.