Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес изјави дека рамковниот договор за Гренланд што го договорил со американскиот претседател Доналд Трамп имплицира дека сојузниците на НАТО ќе мора да ја зајакнат безбедноста во арктичкиот регион.
Руте на маргините на Светскиот економски форум во швајцарскиот град Давос изјави дека првите резултати од зголемената безбедност на Арктикот ќе бидат видливи оваа година, пренесува Ројтерс.
„Ќе се собереме во НАТО со нашите високи команданти за да разработиме што е потребно. Не се сомневам дека можеме да го направиме тоа доста брзо. Секако се надевам за 2026 година, се надевам дури и на почетокот на 2026 година“, рече Руте.
Тој истакна дека сега е до командантите на НАТО да ги разработат деталите за дополнителните безбедносни барања и дека е сигурен дека членките на НАТО, кои не се блиску до Арктикот, исто така ќе сакаат да придонесат.
Руте рече дека за време на разговорот со Трамп, темата за експлоатација на критични минерали во Гренланд не била покрената.
Според него, напорите за зајакнување на безбедноста на Арктикот нема да влијаат на ресурсите за поддршка на Украина во нејзината војна со Русија.
Тој истакна дека конкретните преговори за Гренланд ќе продолжат меѓу Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд, кој е автономна данска територија.
Руте рече дека разговарал со Трамп и за тоа како да се обезбеди безбедноста на седумте арктички земји и како може да се осигура НАТО да го обезбедува Арктикот.
„Разговаравме како да се осигураме дека Русите и Кинезите нема да добијат пристап до економијата на Гренланд или во воена смисла“, додаде Руте, објави Танјуг.
Текстот Рутe: НАТО мора да ја зајакне безбедноста на Арктикот е превземен од МАКФАКС.























