Органите на редот си играат пинг-понг за тоа кој да започне истрага за откривање на вистината за набавката на софтверот за казнување во сообраќајот што ја направи екс генералниот секретар на владата, Драги Рашковски. Обвинителството за следење организиран криминал и корупција очекува МВР и Управата за финансиска полиција да постапат за отворање предмет против Рашковски.
-Доколку институциите во чиј делокруг на работа е откривање на кривични дела и нивни сторители, не постапат согласно нивните надлежности, тогаш обвинителството ќе постапи согласно член 41 став 2 од Законот за кривична постапка, односно јавниот обвинител сам ќе го преземе секое дејствие потребно за откривање на кривичното дело и откривање и гонење на неговиот сторител за кое со закон е овластено Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција-велат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Рашковски во моментов е секретар во кабинетот на премиерот Зоран Заев. Премиерот слушнал за префрлањето на топката меѓу институциите но вели дека постапката е законска.
Во меѓувреме, Антикорупциска чека одговори од институциите за веќе отворениот предмет. Опозицијата обвинува за селективен пристап на Јавното обвинителство, кое засега нема поведено постапка за спорната набавка за софтверот.
Станува збор за набавката на софтвер за детектирање и казнување на сообраќајни прекршоци кој го набавил токму Рашковски кога бил генерален секретар на Владата и чиј иноватор бил самиот тој.