Обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју на емисијата 360 степени изјави дека таа лично пријавила во МВР дека обвинетиот Сашо Мијалков планира бегство.

„Во саботата јас негде после 12.30, откако добив информација дека е можно бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, остварив телефонски повик со министерот Оливер Спасовски при што тој ми рече дека ќе ги провери сознанијата кои сум ги добила. Негде после 15 часот ми се јави министерот и ме замоли она што му го кажав по телефон да го напишам на писмено и да го доставам. Јас истото го сторив и известување во МВР доставив околу 16.30.  Некаде по 22.30 часот ми донесоа известување од полиција,  односно истото известување кое јас им го пратив, со додаден и генералии на обвинетиот Мијалков. Јас се јавив на директорот на Бирото за јавна безбедност. Го прашав дали оствариле контакт со директорот на Агенцијата за национална безбедност и дали тие имаат некои сознанија, при што тој ми кажа дека нема сознанија. Се слушнав и со републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовевсски, и тој ме праша колку ми е сигурна информацијата. Јас кажав дека тоа ми е оперативна информација од мој личен извор и до скала од 1 до 10, ми е 7 на скалата. И се договоривме да видиме следниот ден“, детално објасни Русковска.

Претседателката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, вели дека во оваа изјава на Русковска има големи контрадикторности, имајќи го предвид сооштението од Јавното обвинителство во кое имаше друга верзија на настаните.

„Прво не ми е јасно како може Рускосвка да зборува за личен извор на информации, кој што не се совпаѓа со оперативните информации кои што ги имаат МВР. Како може личниот извор на Русковска да им повеќе информации од Агенцијата за националната безбедност. При тоа да дава оценка за ризикот од скала од еден до десет, седум, и притоа да не смета дека треба да го поднесе предлогот уште вечерта во 23 часот“, рече Пировска во емисијата 360 степени.

Директорката на Коалицијата „Сите за правично судење“, Натали Петровска, смета дека Русковска задоцнила со реакцијата.

„Русковска морала да ги извести обвинителите кои работеле на тој предмет и кои се опасностите. И да реагира веднаш“, рече Петровска.

Обвинителската рече дека е рано да се бара одговорност и не сака да прејудицира каде е пропустот, но тврди дека не е во Јавното обвинителство.

„Јас во овој момент стварно не сакам да шпекулирам со било која одговорност. Отфрлам дека вината е во Обвинителството., затоа што ние уште во саботата ја дадовме информацијата во МВР. Не сакам да шпекулирам каде е пропустот. Пропусти има и мене апсолутно ми е лично како човек страшно што се повтори после бегството на Никола Груевски. И од тие причини бев толку ангажирана и во сабитата и во неделата, и пак ќе речам ова е страшно што ни се повторува“, рече Русковска.

Таа рече дека не се сигурно дали Мијалков ја напуштил земјава и во наредните денови ќе одлучат во која насока ќе биде истрагата за неговото бегство.