Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Велјановски, обвинет во случајот „Организатори на 27 април”, имал задача по секоја цена да спречи избор на нов претседател на Собранието на 27 април 2017 година, изјави денеска обвинителката Вилма Рускоска, во завршниот збор за овој предмет.

Таа во продолжение истакна дека обвинетиот Велјановски, не го ставил на гласање предлогот на пратеникот Оливер Спасовски, кој имал потписи од 10 пратеници. Тоа, според обвинителката Рускоска, не било сторено со единствена цел да не се избере нов претседател на Собранието.

– Улогата на обвинетите Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски била да ги организираат протестите „За заедничка Македонија”, додека улогата на обвинетите Владимир Атанасовски, била да укаже поддршка со акти на насилство и да се спречи изборот на претседател на Собранието, рече обвинителката Рускоска.

Обвинителката Рускоска, посочи дека обвинетите Јанакиевски и Ристовски, редовно го информирале обвинетиот Велјановски, за протестите. Во ова прилика обвинителката читаше дел од исказот на Александар Василевски – Нинџа, кој претходно изјави дека обвинетиот Владимир Атанасовски и Никола Бошковски (не е достапен на органите на прогонот) „ги координирале патриотските здруженија во протестите „За заедничка Македонија”“.

Изјавата на сведокот Стефан Младеновски, каде тој истакнува дека Нинџа во кафулето „Аристократ“ ги информирал дека доколку се избере влада народот ќе влезе во Собрание, според обвинителката Рускоска, го потврдува и обвинетиот Атанасовски, поранешен директор на УБК, кој во својата одбрана вели дека го брифирал министерот Агим Нухиу дека „може да дојде до насилно влегување во Собранието“.

Дел од организаторите на „крвавиот четврток“ според Обвинителството е и поранешниот премиер Никола Груевски, кој според завршните зборови на Русковска, ги повикал граѓаните преку јавно обраќање „народот да не седи во папучи, да ја земе судбината во нејзини раце”.

Судењето за „Организаторите на 27 април” e во фаза на завршни зборови. Во текот на овој судски процес во Кривичниот суд во својство на сведоци беа сослушани стотици лица од разни профили.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.