Властите ја бранат одлуката за протерување на рускиот дипломат од земјава, но и понатаму не кажуваат ништо кои постапки на дипломатот доведоа до ваква мерка. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во интервју за Телевизија Канал 5, рече дека Македонија не е неутрална и оти ова прашање се должи на отстапувањето на дипломатот од дипломатската практика.
На рускиот амбасадор Сергеј Александрович Баздикин на 14 мај му била предадена белешка во која се вели дека членот на дипломатската мисија, чие име не се соопштува е прогласен за персона нон-грата и има рок од седум дена да ја напушти земјава. Виенската конвенција за дипломатски односи ја обврзува државата-испраќач да ја спроведе одлуката на државата-домаќин без да бара објаснување.
Алсат побара став од Амбасадата на Руската Федерација во земјава, која немаше никаква реакција по одлуката на МНР. Тие не одговорија на прашањето како ја оценуваат одлуката, кога некој член на нивната мисија ќе ја напушти земјата и кога ќе биде заменет со друг дипломат. ВМРО-ДПМНЕ пак, смета дека владата треба да даде објаснувања за одлуката.
Неколку земји во регионот и во Европа во последниве неколку недели презедоа истражни активности за откривање на руски шпиони, прогласија „персона нон грата“ и протераа неколку руски дипломати од нивните земји.