Текстот подолу го пренесуваме во целост:

По руската агресија на Украина, во 2022 година и воведувањето на санкциите од западните земји, многу руски агенти беа протерани од демократските држави. Со воведувањето на санкциите за руски компании, многу агенти, кои беа испраќани како претставништва во тие земји, исто така, беа протерани. Затоа режимот во Москва прибегна повеќе да ги користи услугите на агентите кои не се протерани. Тука за православните земји беа црквите. Така и се случи свештеник да биде протеран од Северна Македонија, што беше инспирација и за Бугарија да го направи истото.

Така, на 15 септември минатата година (2023) Васијан Змеев, шефот на подворјето на Руската црква во Софија доби забрана за влез во Македонија. Однесувањето на руските свештени лица ги надмина далеку нивните дозволени активности.

Претседателот Стево Пендаровски лани во јуни, повикувајќи се на информации од НАТО за 360 степени кажа дека македонски митрополити, највисокото раководство на Синодот, но не и поглаварот, соработуваат со Руската тајна служба.

 

Македонските свештеници и руските служби

Ова беше доволна причина Вистиномер да го започне истражувањето за руското влијание во земјава преку црквата. Претседателот Пендаровски во интервјуто не спомена конкретни имиња на митрополити кои се врбувани да работат за руските служби. Се обидовме преку наши извори да дојдеме до тие митрополити.

З. Бојаровски / Фото: Г. Лефков

Долгогодишниот новинар, уредник и хроничар на црковните настани Зоран Бојаровски, смета дека неколку од владиците се однесуваат спротивно на интересите на Македонската православна црква.

„Нема никакви сомневања дека КГБ ја користи Руската црква за преку нејзе да го шири влијанието во православните земји. Има многу докази кои водат на тоа, дека и самите црковни функционери, како Патријархот Кирил и неговиот претходник се излезени од шинелот на КГБ. Протерувањето на Васијан Змејев на површина ја исфрли таа поврзаност. Во една прилика и претседателот Пендаровски изјави дека Васијан Змејев врши активности надвор од црковните, а службите го хранат претседателот со информации, тоа веројатно е така. Тој овде имал средби со некои митрополити како Петар и Иларион“, вели Бојаровски.

Тој додава дека состојбите во нашиот Синод се рефлексијата на борбата помеѓу Москва и Константинопол.

Тоа што е карактеристично за сегашниот Синод, е дека митрополитите од ПОА, црквата на Јован ВранишковскиДавид и Марко не се застапници на тоа руско крило во Синодот, нѐ брифираше познавач на состојбите во Синодот кој сакаше да остане анонимен.

Тој од владиците Јован, Марко и Давид не очекува дека ќе бидат проруски, бидејќи тие и досега имаа добри односи со Грчката црква и секаде изразуваа свои ставови. Тие сфатија дека Србите, нив и нивната црква, ги пуштија по вода и сега не очекувам нивна деструктивност во Синодот“, смета нашиот извор.

К. Јанакиев / Фото: Г.Лефков

На сличен став е и професорот на Софискиот универзитет, Калин Јанакиев, кој добро ги познава состојбите во православието на Балканот и пошироко.

„Русија разбра дека не може да има поголемо влијание преку црквата на Јован Вранишковски, сега се насочи да влијае преку просрпските/проруски владици во Синодот на Македонската православна црква“, смета Јанакиев.

Директно посочен владика под руско влијание, од поновите владици е Григориј.

Григориј минатото лето во Куманово промовираше книга со наслов „Цариградскиот патријарх прв меѓу/без еднаквите“, каде беше присутен и сега веќе протераниот Васијан Змеев. Се смета дека Змеев има големо влијание во МПЦ за поставувањето на Григориј за владика.

Инаку, според каноните на МПЦ, треба на владиците да им се испрати документ за одредена личност дека е кандидат за митрополит, да ја разгледаат, да размислуваат 15 дена и после да гласаат за него. За Григориј имале само 15 минути, вели наш извор од Македонската православна црква.

 

Томосот и Украинската црква таргет на руските служби во МПЦ

Руската црква е фокусирана на спречувањето на Македонската православна црква да добие томос од Цариградската патријаршија, како сите останати цркви во православниот свет.

Руската држава и руската црква, никако не сакаат МПЦ да добие автокефалност од Константинопол. Тие инсистираат на тоа дека томосот добиен од Српската православна црква е доволен. Со тоа сметаат дека ќе се доближат МПЦ и Константинопол, а ќе излезе надвор од влијание на Руската православна црква, што сега го има преку СПЦ, вели Јанакиев.

Според наши извори од црковната дипломатија кои сакаа да останат анонимни, Вселенскиот патријарх Вартоломеј поставил три клучни услови за да ѝ додели томос на МПЦ:

  • дијаспората,
  • името на црквата и
  • сослужување со Украинската црква.

Во однос на дијаспората нема да имаме Архиепископ или епископ Австралиски, туку ќе биде Мелбурншки, Сиднејски, а МПЦ да може постави повеќе владици таму, исто така и во Америка.

Името на црквата било договорено да биде Охридска Архепископија – Црква на Северна Македонија. Вселенската патријаршија никогаш не признава по нација, туку по географски граници на државата. Не постои Грчка црква, туку Црква во Грција. Исто така, не постои Албанска црква, туку Православна црква во Албанија.

Во третата точка за Украинската црква, на којашто Цариград ѝ даде томос, се бара МПЦ да сослужува со Украинската црква.

Во март минатата година Трочлениот Синод на МПЦ-ОА,  Архиепископот Стефан, Петар и Тимотеј, донесе одлука според која им се забранува на свештениците да сослужуваат со Украинската црква.

По историската одлука од 9 мај 2022 на Вселенската патријаршија за признавање на канонскиот статус на МПЦ, забележавме некои чудни движења кај нас. Имено, некои структури кои во минатото имаа изразени анти ЕУ и анти НАТО ставови, започнаа сега хорски да зборуваат против добивањето на автокефален статус на МПЦ од Вселенската патријаршија. Во тие напади беше кажувано како ќе ѝ било земено името на црквата, ќе ѝ била земена дијаспората, накратко беа пласирани полувистини со цел да се предизвика сомнеж кај народот. Станува збор за еден сојуз којшто видовме дека се простира во црквата и надвор од црквата. Имаме синхронизирани обиди во континуитет. Тие обиди се во насока на спречување овој процес да се истера докрај преку доделување на томос за афокефалност на нашата црква од страна на Вселенската патријаршија, вели професор Александар Спасеновски од Правниот факултет во Скопје.

Најгласни против добивањето на томос од Цариград се митрополитот Петар преку неговиот личен пријател, осомничениот за двојно убиство Љупчо Палевски- Палчо. Во врска со ова декларација, Палевски имаше декларација за којашто  јавно беше поддржан од тројца митрополити – Петар, Григориј и Агатангел.

Инаку, против добивањето на Томос од Константинопол се огласи владиката Кумановско-Осоговски, Григориј, тој во едно интервју каде ја нападна Вселенската патријаршија. Тоа стигна до ушите на Вселенскиот Патријарх. Подоцна Синодот на МПЦ со огради од ваквиот став на Митрополитот Григориј.

 

Томос од Цариград

Сите православни цркви досега томос добиле од Цариград. И Руската црква, и Српската и Бугарската и Грчката. Од сите соговорници со коишто разговаравме никој не памети дека некоја црква добила томос од друга црква, како што ние добивме од СПЦ.

А. Спасеновски / Фото: Г.Лефков

Според професорот Спасеновски, кој докторираше на темa која се однесува на местото и улогата на верските заедници во уставните поредоци на државите со посебен осврт на Република Македонија, вели дека има неколку фактори кои го придвижија признавањето на Македонската православна црква.

Има едно подзаборавено правило од поодамна, каде Вселенската патријаршија го има главното апелациско право во меѓуцрковните спорови. Тоа е право што го има Вселенската патријаршија, векови наназад. Таа го користела тоа право да биде апелациска установа во меѓуцрковни спорови, посочува Спасеновски.

Ова право упростено гласи: Ако имаш спор со една црква, како ние со СПЦ, си го решаваш спорот со неа. Но, ако се вмешат две цркви, тогаш спорот оди на Апелативен суд во Цариград.

Не сум го истражувал односот на Бугарската православна црква кон процесот на добивање на афтокефалија за МПЦ, но лично мислам дека Бугарската црква пропушти можност да се влезе многу подлабоко во позитивните анали на нашата црковна историја, иако несвесно, односно несакајќи, таа придонесе дополнително да се придвижат овие процеси. Имено, позитивно од односот на Бугарската црква е што оваа Црква оформи своја внатрецрковна комисија поврзана со македонското црковно прашање, со што му даде уште еден, веројатно клучен аргумент на Вселенскиот патријарх да го искористи своето право на апелација во случајот со МПЦ, бидејќи освен СПЦ се замеша и БПЦ, вели Спасеновски.

Познавачите на состојбите сметаат дека доколку не беше изнесен спорот на Апелативен суд во Цариград, Српската црква немаше да одобри автокефален статус на МПЦ. Ова се гледа и од првата изјава по устоличувањето на српскиот патријарх Порфириј во пролетта 2021 година, каде потенцира дека тој нема да отстапи од дотогашната политика кон МПЦ. Набргу, само неколку месеци потоа, гледајќи дека се подготвува решение за МПЦ, од страна на Царигратската патријаршија побрзаа да нѐ признаат пред Цариград.

Руската црква играше многу нефер до последно. Иларион Алфеев, кој имаше статус на министер за надворешни работи на Руската црква, бараше од нашите власти да го пуштат Јован Вранишковски од затвор со ветување дека тој ќе се заложи кај Србите да не признаат како самостојна црква. Србите не нѐ признаа како автокефална црква сѐ додека не започна Арбитражата во Цариград, смета наш извор кој инсистираше да остане анонимен.

Освен меѓународните црковни причини, поврзани со одлуката на Вселенската патријаршија да ѝ додели автокефален статус на Православната црква на Украина, како и домашниот развој на настаните поврзани со надминувањето на спорот со името и вклучувањето на Бугарската православна црква, што беше искористено како повод од Вселенската патријаршија да го искористи своето историско право на апелација во меѓуцрковни спорови, друг важен аспект е и континуираното јакнење на кадровскиот потенцијал на Македонската православна црква. Станува збор за оние млади монаси кои во 90-тите години задоени од тој православен дух одлучуваат да одат на Света Гора, со што воспоставуваат силни релации, стекнуваат пријателства и се враќаат назад во Македонија за да го посеат семето на новото монаштво во државата, натамошно јакнејќи ја Црквата. Тука мислам на светогорските монаси дедо Наум, дедо Партениј и дедо Климент. Тие луѓе со своите релации во континуитет успеваат да ја претстават македонската вистина во центарот кадешто се одлучува, а тоа е Вселенската патријаршија. Српската црква мотивирана од овие одлуки на Вселенската патријаршија, потрча да ни даде томос. Меѓутоа, се поставува прашањето зошто Српската православна црква не ни даде томос пред 50 години туку сега, веднаш откако реагираше Вселенската патријаршија, започнувајќи да го решава децениски замрзнатото македонско црковно прашање. Сепак, овој процес со Вселенската патријаршија има смисла само доколку се заврши докрај. Имено, доколку ние не го добиеме томосот од Вселенската патријаршија, ние сме повторно во некој свет под силно влијание на Српската православна црква. Овој процес мора да финишира со добивање на томос од страна на Вселенската патријаршија, смета Спасеновски.

Решавањето на проблемот со името ѝ помогна на Македонската православна црква да ги придвижи процесите кон добивање на афтокефален статус. По потпишувањето на Преспанскиот договор имаме серија на писма од македонскиот државен врв до Вселенската патријаршија, со барање да го искористи нејзиното право на апелација и да постапи во случајот со Македонската православна црква.

 

Кои се протераните свештеници од Македонија и Бугарија

Во моментот кога С. Македонија за персона нон грата го прогласува Васијан Змеев, во Бугарија е протеран уште еден свештеник заедно со него, Јухен Плавјашчук.

Според професор Јанакиев, Васијан Змеев, има многу црна биографија. Тој бил член на ректорскиот совет на Московската духовна семинарија. Таму бил замешан во сексуален скандал. Писмо од ученици и студенти од таа семинарија покажува дека една група од професори и духовници имале недозволено сексуално поведение кон учениците. Веднаш после тој скандал, Васијан Земјев е испратен во Белорусија. Белоруската црква е под Московската патријаршија и се раководи од Егзарх, кој е потчинет на Рускиот патријарх. Многу е чудно зошто е испратен Змејев во Белорусија кога тамошниот егзарх е потчинет на рускиот патријарх. Тоа се случува во моментот кога егзархот на Белоруската црква бара да отпочне процес на автономија за неговата црква. Подоцна егзархот застанува зад големите граѓански протести во Белорусија. Васијан Змејев е испратен таму да ги шпионира активностите на Белорускиот егзарх. Откако ја завршува таа задача, тој е испратен во руската црква во Софија.

Претпоставувам дека тој ја продолжува неговата шпионска мисија во Бугарија и во С. Македонија со цел да го спречи добивањето на томос на Македонската православна црква од Константинопол. Знаете дека Македонската православна црква е разделена на проруски дел и про константинополски дел. Тој најверојатно ги координирал проруските елементи во Синодот на МПЦ за отуѓување од Константинопол, вели професорот на Софискиот универзитет Јанакиев.

Д. Николчев / Фото: Г.Лефков

За професорот на Богословскиот Факултет во Софија, Дилјан Николчев работите околу Змеев се многу чисти и јасни.

„Има различни категории на агенти. Кога си агент за влијание, ти си агент за влијание. Тој не треба да поставува експлозиви, ако е агент за влијание, тој преку средби, преку проповеди, ја спроведува политиката на Руската православна црква. Има агенти кои се само за врбување на луѓе. Јас мислам дека и Васијан Змеев беше агент за влијание“, смета Николчев.

Вториот протеран свештеник од Бугарија, Плавлајчук, како млад духовник во Белорусија се занимава со регрутација на млади момчиња кои треба да бидат обучувани и за учество во воени конфликти и да бидат црковно воспитани. Целта била да се создадат младински паравоени формации под капата на црквата. Тој го работи тоа до моментот кога е испратен во Бугарија. Во Бугарија се сомневаат дека бил одговорен за т.н „Казашка организација“, која се обидува да функционира како руска паравоена формација во Бугарија.

Во Русија, инаку, како паравоени формации ни се познати Групата Вагнер на сега веќе починатиот Евгениј Пригожин, потоа паравоена формација на Гаспром и уште неколку други формации.

 

Руска црковна агентура во Бугарија

За да ја разбереме руската агентура во мантии, го продолживме нашето истражување во Софија. Таму најдобро се рефлектира црковното влијание. Пред паѓањето на комунистичкиот режим во Источниот блок, целосното уредување на Бугарската црква било потчинето на КГБ. Во центарот на Софија има руски храм, каде служеше и самиот Васијан Змеев.

Според професорот Јанакиев, со години во оваа црква руските патријарси испраќаат свештеници со благослов на руската тајна служба.

Свештениците кои се поставени во Руската црква во Софија, сите до еден се агенти на руските служби, вели Јанакиев.

Покрај руските агенти во Софија, Синодот на Бугарската православна црква со години е под „руската чизма“.

Кај нас за време на комунизмот се спроведе една ригидна персонална политика. Имаше една семинарија од која излегуваа 25 луѓе годишно. Од тие само по неколку ќе станат свештеници. Еден дел бевме деца на прогонувани родители и немаше каде да добиеме гимназиско образование. Правеа сѐ што е можно, што помалку квалитетни луѓе да останат во црквата. Во периодот кога јас учев таму, од 8 генерации дали 4-5 души станаа монаси, вели Епископ Тихон, кој по потекло е од делчевското село Стар Истевник.

Тој објаснува дека руските служби вршеле притисок врз владиците на Бугарската православна црква:

Епископ Тихон / Фото: Г.Лефков

„Кој како стави монашка капа, веднаш го фаќаат од службите и го испраќаат во Русија. Јас сум единствениот владика од Синодот на БПЦ кој не стапнал во Русија, ниту во САД. Кога ќе заминат во Русија прво го пуштаат да видат како ќе се однесува. Потоа ќе го стават на една маса да видат колку може да испие. Па ќе му пуштат ‘облак’ од девојки да видат дали се воздржува или не. Многу од кандидатите не издржаа. Сето ова се запишува некаде и потоа тие личности се уценуваат“.

Руското влијание во Бугарија е многу големо. Според едно истражување на бугарската редакција на Радио Слободна Европа, Руската Федерација во Бугарија располага со повеќе имоти отколку САД, Германија, Франција и Кина заедно.

Професорот на Богословскиот Факултет во Софија, Николчев, кој долги години ги проучува архивите на бугарските тајни служби поврзани со црквата, вели дека за време на комунизмот 95 отсто од митрополитите во БПЦ биле агенти.

 

КГБ имала план за минирање на Цариградската патријаршија

Руската тајна служба има тајни планови како да подметне експлозиви во многу значајни верски објекти. Еден таков план во 50-тите и 60-тите години е подготвуван во Бугарија како да ја кренат во воздух Цариградската патријаршија.

Професор Николчев посветил многу труд за овие планови.

Имам неколку публикации за обидите на „Прво главно управление (ПГУ) на Државна сигурност“  на крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години, за потпалување или кревање во воздух на Патријаршијата во Цариград. Еден од нашите професори учествува во таа операција, но најверојатно и тој не знаел. Тој бил агент за логистика. Го испраќаат на средба со Вселенскиот патријарх со уште неколку професори од Духовната академија. Нему му даваат задача да види каде се наоѓа параклисот, колку луѓе доаѓаат на литургија во празнични денови и тој ја дава таа информација. Тој не знае зошто е таа информација. Тој не знае дека ПГУ подготвува план како да постави експлозив во Цариградската патријаршија, вели Николчев.

Тие ја подготвуваат таа операција за да може да го скараат јужното крило на НАТО. Тука се Грција, Турција и САД. За КГБ било многу важно Турција и Грција да имаат затегнати односи.

Оваа операција во нашето ПГУ се води со кодно име „Крст“. Но изгледа биле неписмени, па во половина од документите го пишуваат како „Крс“. Седум или осум години го подготвуваат тој план. Има и документи за потпалување на родната куќа на Ататурк во Солун. Ова е многу големо досие и во таа иста папка се појавува еден документ на руски јазик, испратен од КГБ и во тој документ се споменува план за потпалувањето на најголемата џамија Ал акса во Ерусалим. Тоа е случај кога сакаат да направат војна помеѓу Евреите и Арапите на Блискиот Исток. Мислам дека КГБ го има направено тој план, додава Николчев.

 

Прво офицер, па свештеник

Во комунизмот дипломатите од Источниот блок скоро секогаш биле разузнавачи. Иако комунистите не ја сакале црквата, сепак Сталин во 1943 година смета дека црквата може да му помогне во борбата против нацистите и ја вклучува во општествените текови.

Според документите до кои дошол професорот Николчев, по отворањето на архивите на Државната безбедност, ако митрополитот е врбуван од Русија стигнува допис до бугарските служби, тоа лице да не се чепка.

Не кажуваат зошто, но тоа се подразбира дека тие веќе го врбувале. Во ретки случаи се водат двојни досиеја и во Бугарската тајна служба и во КГБ, вели тој.

Николчев додава дека митрополитот Симеон од Западно-европската епархија на БПЦ,  бил врбуван од двете служби.

Тој е единствениот државен офицер, кој е под друго име и бил член на  Бугарската комунистичка партија. Пред тоа, долги години е викарен епископ. Неговото досие е 28 тома, секој том е по 200-300 страници. Сите членови на синодот на Руската православна црква се со офицерски чинови. Во Бугарија, освен Симеон, како офицер, другите владици се соработници на службите, вели Николчев.

Андреј Захаров, истражувачки новинар од рускиот сервис на Би Би Си, сега пребегнат во Западна Европа, смета дека ваквите агенти се посебно опасни за безбедноста на која било држава на подолг рок. Државната безбедност тогаш позната како НКВД (КГБ), ги користи како агенти луѓето од Руската црква кои патуваат во други цркви.

Тоа не е докажано, бидејќи сѐ уште во Русија не се отворени архивите, но во принцип е јасно кога ја гледаш биографијата на сегашниот патријарх Кирил, кој многу долго живеел во Женева, каде има Светски сојуз на црквите. Сега на истото место е поставен неговиот внук, додава Захаров.

 

„Императорско православно палестинско друштво“ против Северна Македонија

Малку е познато дека и пред Васијан Змеев руските агенти во Македонија вршат непријателска дејност поврзана со верата, но преку Грција. Русија преку донации во црквите се обидува да го оствари своето влијание и доминација.

Постои, „Императорско православно палестинско друштво (ИППД)“ кое е формирано од Николај Први или Александар Втори уште пред Октомвриската револуција. Ова друштво се прави за реставрација на православни споменици во Палестина. По падот на комунизмот или за време на владеењето на Путин, ова друштво се возобновува. Тие градат некои големи христијански проекти не само во Палестина, туку и во Грција, јас знам за еден голем проект на островот Крф, во Солун и на Света Гора. Претседател на тоа друштво е поранешниот премиер на Руската Федерација, Сергеј Степашин. Тој е од Санкт Петерсбург и е добар пријател на Путин, вели Захаров, кој во 2018 година го истражуваше оваа друштво.

Член на ИППД е и Николај Токарев, близок пријател на Путин од времето кога биле офицери на КГБ во Дрезден, Источна Германија. Токарев е претседател на Транснефт.

Комитетот на почесни членови на друштвото го предводи патријархот Кирил. Во него се вклучени рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, шефот на Фондацијата за образовно општество „Елизабет – Сергиус“, Ана Громова, сопруга на заменик-шефот на претседателската администрација, Алексеј Громов, поранешниот градоначалник на Москва, Јуриј Лужков и сегашниот градоначалник Сергеј Собјанин.

Во ова друштво во Грција влегуваат и сопственици на нам познатата градежна компанија „Актор“, за која медиумите пишуваа дека се перат милиони евра.

Поранешниот генерален конзул на Русија во Солун, Алексеј Попов, во јули 2018 година, со уште еден вработен во руската амбасада, Виктор Јаковлев, беа протерани од Грција. Тие се дел од ИППД. Според грчките медиуми, грчките власти ги сметале за вмешани во мешање во внатрешните работи на земјата, а поконкретно, се обидувале да го нарушат договорот за новото име на соседна Македонија.

Во минатото имаше и група на политичари и бизнисмени од Русија, кои се нарекуваа „Афонити“ (Афон е Света Гора на руски). Тие многу често доаѓаа во Грција и даваа многу пари на руски и грчки манастири на Света Гора, но и на други места. Таму многу често доаѓаше и живееше рускиот бизнисмен Константин Малофеев кој се обиде да направи државен удар во Црна Гора во 2016 година.

Руските тајкуни даваа многу пари на црквите на Балканот. Повеќе од 200 милиони евра префрлиле Русите, во православни објекти на Балканот.

 

Валканата игра на Руската црква во православието

Руската православна црква не е во евхаристично општување со Константинопол. Тоа значи дека во моментот Руската црква не комуницира со Цариградската патријаршија.

Руската православна црква, под притисок на руската држава се обидува да ги растури односите и на останатите православни цркви со Константинопол. Тоа го прави со големи напори, но не со голем успех на различни територии. Александриската црква ја призна Украинската црква, за да ѝ се одмазди Руската православна црква неканонски започна да отвара епархии на територијата на Африка кои се под Александриската црква, вели професор Јанакиев.

Тој додава дека томосот што го добива една црква, секогаш содржи и територија на која се протега таа црква. Во територијата на Московската патријаршија никако не може да влезат територии од Александриската патријаршија. Грчката православна црква ја призна Украинската православна црква, Руската црква се обидува на секој начин да ги скара митрополитите во Грчката православна црква, без некој поголем успех засега.

За Епископ Тихон, многу иритирачко е и постапувањето на руските дипломати и амбасадори во православните земји.

Одење на еден амбасадор во Синодот со намера да демонстрира сила во смисла „сега ќе им одам таму да видам што ќе кажат“ е безобразие. Секој руски амбасадор, е прв резидент на КГБ. Тоа е така низ целиот свет. Тој си ги знае своите агенти и нема да каже кои му се агенти во Синодот, но по делата ќе ги познаете, вели Епископ Тихон.

 Горан Лефков