Министерот за надворешни работи и досегашен претседавач со ОБСЕ, изјави дека и покрај сите напори да се донесе буџет за организацијата, тој не е одобрен од 2021 година поради блокадата од Руската Федерација. Поради ова, како што рече, организацијата „искрвари“, а последна надеж ѝ е по Министерскиот состанок да успеат да го донесат буџетот за 2023 година, кој би го отворил патот за буџетот од наредната година.

На новинарско прашање по завршната конференција на 30. Министерски состанок на ОБСЕ кој се одржува во Скопје, министерот Османи истакна дека направиле многу напори да обезбедат буџет за 2023 година.

– Направивме многу напори да одобриме буџет за 2023 година, претходно имавме тешкотии со две други земји членки. Успеавме да најдеме креативен начин напред, и тогаш остана само Руската Федерација. Иако постигнавме консензус, после многу месеци преговори, Руската Федерација му стави вето на буџетот, рече тој.

Османи посочи дека е важно да се работи на буџетот за 2023 година.

– Имав неколку дискусии вчера со многу земји членки и ќе се обидеме во наредните денови, по Министерскиот состанок, да се обидеме уште еднаш. Знам дека некои ќе речат зошто ни треба буџет во последните три месеци од годината но, имајќи предвид дека овој буџет е зголемен од оној во 2021 година, ќе го трасира патот за одобрување на буџетот од 2024 година, појасни министерот.

Поради недостигот на буџет, како што кажа тој, не можат да го следат трендот на инфлација и да креираат нови позиции што, како што рече, „направи голема штета, особено на нашите капацитети да обезбедиме помош во конфликтните региони со нашите теренски операции“.

Османи апелираше Руската Федерација да овозможи консензус за буџетот, за да не трпат последици теренските операции во Молдавија, Приштина, Сараево, Скопје и други.

Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, истакна дека ОБСЕ продолжува да работи без оглед на околностите и недостигот на буџет.

– Недостигот на буџет за кој сме сите согласни е вистински проблем, бидејќи кога буџетот не е одобрен на крајот од декември, според финансиските регулации, мора да оперираме со месечни издатоци базирани на буџетот кој беше последно одобрен, во овој случај тоа е буџетот од 2021, кој не ги вклучува зголемувањето на платите и инфлацијата, рече таа.

Шмид истакна дека е потребно итно усогласување околу буџетот и кажа дека е горда што успеале да ја дуплираат дополнителната буџетска поддршка, која, како што рече, е само за програмски работи.

– Благодарна сум на многуте земји членки кои придонесуваат и со тоа ни е овозможено непречено да работиме во борба против насилство, климатски промени и друго. Но, ова не е начин да се води организација, рече таа.