Руската централна банка соопшти дека поднела тужба до арбитражниот суд во Москва против белгискиот депозитар Еуроклир, поради, како што наведува, „незаконити постапки“ и плановите на Европската унија за користење на замрзнатата руска имотна маса.

Според соопштението, тужбата опфаќа надомест на штета во висина на вредноста на замрзнатата имотна маса на централната банка, како и замрзнатите хартии од вредност и изгубениот приход. Руската централна банка најави дека размислува и за постапки пред меѓународни и арбитражни судови.

Од банката наведуваат дека постапките на „Еуроклир“ ѝ нанеле штета на Русија, бидејќи ѝ било оневозможено управување со сопствените финансиски средства и хартии од вредност. „Еуроклир“ не ја коментираше директно најавената тужба, но потврди дека против компанијата во Русија веќе се поднесени повеќе од 100 тужби.

Според податоците, во Европската унија се замрзнати околу 210 милијарди евра руски средства, од кои најголемиот дел се наоѓаат на сметките на „Еуроклир“ во Белгија. ЕУ и земјите од Г7 веќе ги користат каматите од замрзнатиот имот за финансирање заем за Украина.

Европската комисија во последно време ги забрза подготовките за користење на замрзнатиот руски имот за финансиска поддршка на Украина, а конечен договор се очекува на самитот на ЕУ следната недела.

Текстот Русија поднесе тужба против белгискиот депозитар „Еуроклир“ поради замрзнатиот руски имот е превземен од МАКФАКС.