Русија објави дека ги повлекла своите трупи од Змискиот Остров, што беше потврдено и од Украина. За овој стратешки пункт во Црното Море првпат се слушна во првите денови од руската инвазија, кога мала група украински морнари одби да се предаде, по што едно време се мислеше дека се мртви.

И додека украинскиот претседател Зеленски ги пофали своите вооружени сили, руското министерство за одбрана соопшти дека Руската Федерација со овој потег докажува дека не ги попречува напорите за организирање коридор за извоз на украинското жито.

„Киев сега веќе нема оправдувања дека прехранбената криза и неможноста за извоз на житото се должат на целосната руска контрола врз северозападниот дел на Црното Море. Сега е ред Украина да го деминира крајбрежјето, особено пристанишните води“, соопшти руското министерство за одбрана.

Од самиот почеток на војната, Змиски Остров доби витален и речиси митски статус.

„Иако има површина од само еден квадратен километар, неговата окупација би им дала можност на Русите да распоредат ракетни системи со долг дострел и така да ги контролираат северозападниот дел на Црното Море и југот на Украина“, изјави воениот експерт Олег Жданов.

Двете страни водеа чести борби за островот и се чинеше дека Русија ја консолидирала својата позиција, откако распореди артилерија, проектили и војници.

„Нема веќе руски трупи на Змискиот Остров! Нашите вооружени сили завршија одлична работа“, кажа Зеленски.