Руското Министерство за надворешни работи денеска на амбасадорот на Грција му врачи нота за протерување на осум грчки дипломати.
„Во Министерството за надворешни работи денеска е повикана амбасадорката на Грција во Русија, Е. Насика, на која и беше врачен протест заради политиката на конфронтација на грчките власти кон Русија, влучувајќи ги и испораките на вооружување и воена техника за режимот во Киев и протерувањето на руски дипломати“, се наведува во соопштението на руското министерство, пренесено од британските медиуми.
Министерството потврди дека на амбасадорката и била врачена нота со која осум грчки дипломати се прогласуваат за персони нон грата во Русија, а кои се должни да ја напуштат земјата во рок од осум дена.
„Нагласено е дека тоа се директни последици од непријателските дејствија иницирани од грчките власти. Целосна одговорност за тоа сноси само официјална Атина. Посочено е дека во случај да продолжи антируската политика ќе го задржиме правото на адекватен одговор“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија.
Рускиот амбасадор во Атина претходно изјави дека Грција повеќе не е соодветна дестинација за одмор за руските туристи бидејќи „бранот на русофобија поттикнат од грчкото раководство не стивнува“.