Русија почнува да повлекува дел од силите од областа околу главниот град на Украина – Киев, и за САД тоа е „голема“ промена на стратегијата од страна на Москва, изјавија за Си-Ен-Ен двајца високи американски претставници.
Руските сили, кои сега се повлекуваат во некои области на северот ќе се фокусираат на освоената територија на југ и на исток. САД веќе ги набљудуваат овие движења кои се во тек, вклучително и руските тактички групи на баталјони кои ги напуштаат околните области околу Киев.
Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека одлучило „драстично да ги намали непријателствата“ во насоките Киев и Чернигов, изјави рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин.
САД оценуваат дека Русија ќе го покрие нивното повлекување со евентуално воздушно и артилериско бомбардирање на главниот град, рече еден од соговорниците на Си-Ен-Ен. Американските власти предупредуваат дека Русија секогаш би можела повторно да се врати назад доколку дозволат условите за борба.