Кинеската амбасада во САД соопшти дека нема информации за наводното барање на Русија до Кина за воена помош, истакнувајќи дека фокусот на Пекинг е да ги намали тензиите во Украина.
Цитирајќи неименувани американски функционери, Фајненшл тајмс во неделата објави дека Москва побарала од Кина „опрема и друг вид неодредена воена помош“ за да ја поддржи нејзината офанзива во Украина. Во извештајот се додава дека Белата куќа е загрижена дека „Пекинг може да ги поткопа западните напори да им помогне на украинските сили да ја одбранат својата земја“ доколку одлучи да го исполни наводното барање.
Откако беше прашан за овие информации, портпаролот на кинеската амбасада Лиу Пенгју подоцна во неделата изјави за Ројтерс дека „никогаш не слушнал за такво (барање)“ и рече дека приоритет на Кина е „да спречи тензичната ситуација да ескалира или дури да излезе од контрола”.
Пекинг има неутрален став за нападите на Русија врз Украина – повикувајќи на прекин на војната, но одбивајќи да му се придружи на Западот во осудата на Москва.