Министерството за одбрана на Албанија извести дека двајца албански војници биле повредени додека спречиле двајца Руси и еден украински државјанин во обид да влезат во фабрика за воена опрема во централна Албанија.

„Тројца државјани со руски и украински пасоши се обиделе да влезат во фабриката“, се вели во соопштението на Министерството.

„Во обид да се ослободи, еден од руските државјани, идентификуван со иницијалите М.З.(24), употребил спреј за невропарализа на двајца чувари, откако војниците го фатиле“, додаваат од Министерството.

Двајца други, Русинка идентификувана како С.Т., на возраст од 33 години, и Украинец идентификуван како Ф.А., на возраст од 25, исто така беа уапсени во близина.

„Каква гордост за воените стражари кои неутрализираа три лица осомничени за шпионажа“, напиша албанскиот премиер Еди Рама на Твитер и додаде: „Сега да го чекаме целосното расветлување на овој настан“.

Според информациите на официјалната веб-страница на министерството, се работи за фабрика која се занимава со производство за одбранбената индустрија, која произведувала руски пушки АК 47 (Калашников) за време на комунизмот.

Албанија е членка на НАТО алијансата од 2009 година.