Руското Министерство за здравство регистрирало за употреба верзија на вакцината против коронавирус: Спутник-лајт, која се дава во единечна доза, објави денес ТАСС.
Според Танјуг, Русија минатата недела објави дека завршила клинички испитувања на вакцината, што може да биде привремено решение за земјите со голема стапка на инфекција.
За оваа вакцина зборуваше и рускиот претседател Владимир Путин, наведувајќи дека постои „лесна верзија на руската вакцина против коронавирусот“. Тој изјави дека оваа вакцина ќе има пократок ефект, но дека ќе овозможи вакцинирање на поголем број луѓе.
Александар Гинзбург, директор на Центарот за истражување Гамалеа, рече дека „лесната вакцина“ формира имунитет во рок од три недели, кој трае од три до четири месеци.
Главната цел на користење ваква вакцина е да се намали бројот на смртни случаи од Ковид-19 во земји со многу голем број смртни случаи.
Москва изјави дека нејзината вакцина Спутник V, која се дава во две дози, ќе остане главната верзија што се користи во Русија.