Русија ќе започне со масовно производство на својата втора вакцина против ковид-19 во февруари, рече во вторникот премиерот Михаил Мишустин откако минатата недела земјата започна кампања за масовна вакцинација.
„Следниот месец, ќе започнеме со масовно производство на вакцината ЕпиВакКорона“, рече Мишустин на состанокот пренесуван на телевизија, додавајќи дека руската влада издвоила околу 21,8 милиони евра за оваа намена.
Ова е втора вакцина од руско производство против ковид-19, кој досега однесе повеќе од 2 милиони животи во светот.
Оваа вакцина, која во октомври е регистрирана во Русија, е развиена од лабораторијата Вектор во Новосибирск, во западен Сибир. Оваа лабораторија во советско време тајно истражувала биолошко оружје и чува примероци од разни вируси, од вариола до ебола.
Русија ја регистрираше својата прва вакцина против новиот коронавирус во август минатата година, произведена во московската лабараторија Гамалеја, во соработка со руското Министерство за одбрана.
Русија минатата недела официјално започна кампања за масовна вакцинација со Спутник V со надеж дека ќе го запре ширењето на епидемијата без повторно воведување на општ карантин.
Владимир Путин во понеделникот изјави дека епидемиолошката состојба во земјата „се движи кон стабилизација“, бидејќи Русија за прв пат од почетокот на ноември пријави помалку од 20.000 нови инфекции на ден.
Официјалните податоци објавувани дневно покажуваат дека во Русија до вторникот со коронавирус биле заразени 3.756.931 лице, од кои 70.482 починале.