Патничкиот авион со 28 патници денеска се урнал во морето во близина на Полуостровот Камчатка на крајниот исток на Русија, објави руската државна новинска агенција РИА Новости, пренесува Си-Ен-Ен.

Advertisements

Авионот „Антонов Ан-26“ летал од главниот град на регионот Петропавловск-Камчатски кон селото Палана, на северот од Камчатка, кога ја пропуштил закажаната комуникација и исчезнал од радарот, наведува службата за локални итни ситуации и транспорт.

Во авионот имало 22 патници и шест членови на екипажот, соопшти руското Министерство за вонредни состојби. Двајца патници се деца на возраст под 12 години, според заменик-претседателот на Владата на Камчатка, Александар Заболиченко.

Во тек се операции за пребарување и спасување. Неколку бродови беа испратени во потрага по авионот, пренесе РИА повикувајќи се на службите за итни случаи.

Исто така, започната е истрага за усогласеност со безбедносните прописи.

„Доколку се откријат прекршоци, ќе бидат преземени мерки за реакција“, изјави обвинителството за транспорт на Камчатка за руската државна новинска агенција ТАСС.

Времето беше облачно и магливо во тој дел од денот, а несреќата е можно да се случила поради грешка на пилотот во услови на слаба видливост, јавува ТАСС повикувајќи се на извор од службите за итни случаи.