Рускиот претседател Владимир Путин објави анексија на четирите региони на Украина кои сочинуваат околу 20 отсто од територијата на оваа земја. Во обраќањето Путин рече дека жителите на анектираните региони по агресијата што ја осуди целиот свет, на одржаните референдуми донеле одлука дека сакаат да се приклучат кон Русија.

„Резултатите се добро познати. Сигурен сум дека Федералното Собрание ќе ги поддржи четирите нови субјекти на Руската Федерација затоа што тоа е волја на милиони луѓе. Резултатите се природно право на оние кои гласале“, рече Владимир Путин, претседател на Русија.

За време на говорот, Путин се врати во историјата тврдејќи дека многу генерации Руси се бореле за овие земји. Путин, исто така, ги повтори тврдењата дека Западот се обидува да ја фрли Русија на колена, уште од падот на Советскиот Сојуз.

„Западот сака да доминира во Русија преку нова технологија. Западот сака да ја уништи руската култура. Тие се загрижени зошто постои толку богата земја… Не сакаат да нè гледаат како слободно општество. Сакаат да нè гледаат како толпа робови“, додаде Путин.

Рускиот претседател рече дека на Киев и на Западот треба да им биде јасно дека секој жител на регионот Донбас засекогаш ќе стане руски државјанин и оти неговата земја ќе се брани со сите средства со кои располага.
Во врска со тоа, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва ќе ги смета нападите врз анектираните региони како агресија врз самата Русија.

Путин ја призна независноста на украинските региони Херсон и Запорожје преку декрети потпишани претходниот ден, одлука што го отвори патот за нивна анексија. Овие четири територии создаваат важен коридор меѓу Русија и украинскиот Кримски Полуостров, кој Москва го анектираше во 2014 година. Заедно, петте региони сочинуваат 20 отсто од територијата на Украина. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, чија армија започна успешна контраофанзива на почетокот на септември – ослободувајќи неколку градови и села – вети жесток одговор на одлуките на руските власти./Alsat.mk

Исуф Кадриу