Првите учесници во испитувањето на вакцината против коронавирусот „Спутник лајт“ се вакцинирани во Москва, изјави денеска заменичката-градоначалник на Москва задолжена за прашања од социјалниот развој, Анастасија Ракова.
– Согласно тоа како волонтерите ќе бидат подложени на прегледи, опсегот на вакцинација исто така ќе се зголеми. Активно се поднесуваат пријави од доброволци, при што 490 лица го поминале медицинскиот преглед за два дена, рече Ракова.
„Лајт“ верзијата на Спутник В се состои од една доза и се верува дека ќе овозможи заштита, посебно од тешка форма на Ковид-19, во текот на 4-5 месеци.
Ракова потсети дека волонтер може да биде секој постар од 18 години кој не бил болен и не бил позитивен на коронавирус, не примил вакцини во текот на последниот месец, нема антитела на коронавирус, нема алергиска реакција, нема хронични болести. Бремените жени и доилките не можат да учествуваат во студијата.
– Се претпоставува дека оваа вакцина ќе ја користат млади луѓе на возраст од 18 до 30 години, кои развиваат добар имунолошки одговор и развиваат доволно ниво на антитела при првата репликација. „Спутник лајт“ во комбинација со „Спутник В“ ќе овозможи повеќе можности за вакцинација, објаснува Ракова.
Таа потсети дека во Москва е планирано и испитување на назална вакцина против коронавирусот, а испитувањето не може да започне се додека не се добие одобрение од Министерството за здравство на Русија. Како што вели таа, назалните форми на вакцини веќе постојат, на пример, вакцините против грип.
„Лесната“ верзија на „Спутник В“ доби дозвола за клинички испитувања на 11 јануари од руското Министерство за здравство. Истражувањето се спроведува на 150 волонтери и се изведува во три медицински установи. Според веб-страницата на државниот регистар, која содржи одобренија за истражување од руското Министерство за здравство, целта на клиничките испитувања е да се процени безбедноста, толеранцијата и имуногеноста на вакцината „Спутник лајт“ во врска со спречување на инфекција од коронавирус.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека постои „лесна“ верзија на руската вакцина против Ковид-19. Тој изјави дека оваа вакцина ќе има пократок ефект, но дека ќе овозможи вакцинирање на поголем број луѓе.
– Ако некое лице се разболи по примената „лајт“ вакцина, нема да развие тежок случај на Ковид-19. Вирусот нема да се спушти во белите дробови, тој ќе биде само како мала настинка“, рече Александар Гинтсбург, шеф на „Гамалеја“, која ја разви вакцината.
Тој, исто така, објасни дека оваа вакцината ќе може да се стави во употреба брзо по почетокот на клиничкото испитување, со оглед на тоа дека не е потребно многу да се менува технологијата бидејќи во поедноставената верзија ќе се користи првата компонента од оригиналната вакцина.