Во Северна Македонија нема вистинско соочување со руското влијание туку тоа се користи за добивање на политички поени, тврди лидерот на Движењето Нова Република, Ивон Величковски во интервју за ТВ Шења зборувајќи за протерување на 20 руски агенти од земјата.
Величковски смета дека руското влијание се остварува преку руската, српската и македонската православна црква и преку производство на исламски радикализам, кои се линии на старата југословенска служба.
„Се работи на предизвикување на религиозни искри, потоа тоа да премине во национална дефиниција бидејќи ние сме навикнати со стереотипите, Македонците се православни, а Албанците муслимани. Тоа се стереотипи наметнати од југословенските служби, и ние сме ја лапнале таа јадица бидејќи никој не кажува дека имате и Македонци муслимани, католици. Имате Албанци муслимани, но и католици и православни. Ние сме влегле во таа југословенска нарација“, тврди Величковски.
Според него, освен преку верското, руското влијание се остварува и преку економско и политичко влијание и се движи и по линиите на спортски клубови, навивачки групи, сето она што полицијата и службите порано го користеле за одржување на одреден меинстрим.
„Ќе направиме реформи во службите, тие реформи се на хартија. Ќе дадеме пари во правосудството, ама тие реформи се на хартија. И сето тоа остана на хартија, се потрошиле пари, и сега дава една нефункционална држава. Како држава сме како швајцарско сирење, на сме далеку од швајцарски стандарди, како општество и како луѓе“, тврди Величковски. Р.З.