Руската дипломатија изрази „сериозна загриженост“ поради најавата на НАТО за дополнително распоредување војници во Гренланд, по состанокот на данските, гренландските и американските лидери во Белата куќа.

„Наместо конструктивна работа во рамките на постојните институции, особено Арктичкиот совет, НАТО го избра патот на забрзана милитаризација на Северот и го зајакнува своето воено присуство под измислениот изговор на растечката закана од Москва и Пекинг“, соопшти руската амбасада во Брисел.

„Изјавите на Вашингтон за Гренланд се користат исклучиво од страна на алијансата за промоција на својата антируска и антикинеска агенда“, се додава во соопштението, осудувајќи ја „агресивната реторика“.

Русија потсетува дека западните дипломати со пристап до разузнавачките извештаи на НАТО цитирани во медиумите признале дека во последните години не се забележани руски или кинески подморници во близина на Гренланд.

„Ова открива дека се поттикнува вештачка хистерија“, се вели во соопштението.

Сепак, во соопштението не се критикува американскиот претседател по име, во време кога тој останува клучен соговорник на Москва во напорите за постигнување мировен договор во Украина. Наместо тоа, Москва го фокусираше својот оган врз НАТО како институција и неговите европски земји-членки, кои исто така ги обвинува за блокирање на мировните напори во Украина.

„Веруваме дека политиката на алијансата за ескалација на конфликтот на Арктикот е контрапродуктивна и исклучително опасна. Арктикот мора да остане територија на мир, дијалог и фер соработка“, тврдат Русите.

Американскиот претседател Доналд Трамп сака таа арктичка територија, под данската круна, да биде дел од САД. Тој нагласува дека Гренланд е важен за „националната безбедност“ на САД, особено за да се ограничи рускиот и кинескиот напредок на Арктикот, и не ја исклучува употребата на сила за да се заземе.

Тој, исто така, изјави дека Гренланд е „витален“ за изградбата на Златната купола, американскиот проект за ракетна одбрана.

„Силите на неколку членки на НАТО ќе бидат на воени вежби во Гренланд во наредните денови“, потврди вчера заменик-премиерот на Гренланд по состанокот во Белата куќа меѓу данските, гренландските и американските лидери.

„Се очекува зголемување на бројот на воени летови и бродови“, изјави Муте Егеде на прес-конференција, осврнувајќи се на вежбите.

Франција, Шведска, Германија, Велика Британија и Норвешка вчера објавија дека ќе распоредат воен персонал во ова арктичко подрачје за извидувачка мисија која, како што објасни извор во француското Министерство за вооружени сили, е дел од данската вежба „Арктичка издржливост“.

Во последните години, Русија се впушти во повторно отворање и модернизација на голема мрежа на воени бази на Арктикот.

Текстот Русија загрижена од испраќањето војници во Гренланд: „Се поттикнува вештачка хистерија“ е превземен од МАКФАКС.