Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија ги поздравува само оние мировни иницијативи на Корејскиот Полуостров што ги задоволуваат интересите на Северна Кореја.

„Во однос на сите мировни иницијативи на полуостровот, Русија ги поздравува само оние чекори кон нормализација на ситуацијата што целосно ги задоволуваат интересите на Демократска Народна Република Кореја“, рече Песков на прес-конференција, објави „РИА новости“.

Зборувајќи за лансирањето на балистичка ракета од страна на Северна Кореја, Песков истакна дека Русија го почитува легитимното право на Пјонгјанг да ја обезбеди сопствената безбедност.

„Го почитуваме легитимното право на нашите пријатели во ДНРК да ја осигурат својата безбедност и преземаме потребни мерки за тоа“, рече Песков.

Јужнокорејската војска претходно денес објави дека открила неидентификувана балистичка ракета лансирана кон Јапонското Море од областа Тегван во севернокорејската покраина Северен Пјонган околу 12.35 часот по локално време.

„Јонхап“ потсетува дека лансирањето се случи само еден ден откако Пјонгјанг ги осуди најновите санкции на САД против осум севернокорејски лица и два субјекта за перење пари поврзани со киберкриминал.

Во меѓувреме, јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека Северна Кореја утрово лансирала балистичка ракета што паднала во близина на ексклузивната економска зона на Јапонија. Како што е наведено, досега не е пријавена штета на авиони или бродови, пренесува „Кјодо“. Такаичи во Токио изјави дека им наредила на надлежните владини агенции бргу да ги достават потребните информации до јавноста и да обезбедат безбедност во целата земја.

Фото: принтскрин

Текстот Русија со Северна Кореја по лансирањето на балистичка ракета; „Тоа е нивно право“ е превземен од МАКФАКС.