Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека Соединетите Американски Држави интензивно работат на завршување на конфликтот во Украина, нагласувајќи дека тоа е „ужасна војна“ што предизвикува огромно страдање кај цивилите. Неговата изјава беше објавена на официјалната веб-страница на Стејт департментот.
„Ова е ужасно. Ова е војна. Затоа сакаме да заврши. Луѓето страдаат. Ова е најстуденото време од годината. Војните се лоши и затоа работиме толку напорно за да го завршиме овој конфликт веќе повеќе од една година“, нагласи Рубио.
Тој, исто така, ја најави можноста за средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на маргините на Минхенската безбедносна конференција, која ќе се одржи од 13 до 15 февруари. Според него, конференцијата претставува важна можност за размена на мислења за иднината на европската и глобалната безбедност.
Рубио претходно најави дека ќе зборува на Минхенската безбедносна конференција со порака „за светот што се менува“, нагласувајќи дека „стариот свет повеќе не постои“. Таа проценка, како што се толкува во дипломатските кругови, укажува на длабоки геополитички промени предизвикани од војната во Украина и сè поизразеното глобално прегрупирање на силите.
Претстојниот состанок во Минхен, каде што традиционално се собираат водечки светски државници и безбедносни претставници, би можел да понуди појасни сигнали за понатамошните дипломатски напори на Вашингтон за завршување на војната.
Текстот Рубио во пресрет на Минхенската конференција: Стариот свет повеќе не постои, време е да се стави крај на војната во Украина е превземен од МАКФАКС.























