Американскиот државен секретар, Марко Рубио, изјави дека Украина е подготвена за прекин на огнот и почеток на преговорите и изрази надеж дека Русија ќе се согласи на прекин на огнот.

„Ако тие кажат не, тогаш, за жал, ќе знаеме која е вистинската пречка за мирот“, рече Рубио додвајќи дека сега топката е на терен на Русија.

Тој додаде дека претседателот Доналд Трамп јасно ставил до знаење дека сака да ги запре конфликтите и страдањата.

Истакна дека САД дале предлог за прекин на огнот, кој Украина го прифатила.

„Ние понудивме предлог да се влезе во фаза на прекин на огнот и да започнеме преговори за завршување на овој конфликт на траен и одржлив начин“, изјави Рубио за новинарите по средбата со украинската делегација во Џеда, Саудиска Арабија.

На прашањето за временската рамка за прекин на огнот, Рубио одговори дека се надеваат на договор што е можно поскоро.

Соединетите држави и Украина, претходно, издадоа заедничка изјава по состанокот во Џеда, Саудиска Арабија, потврдувајќи дека САД веднаш ќе ја укинат паузата во размената на разузнавачки информации и ќе продолжат со испраќање воена помош за Украина. Киев, исто така, изрази подготвеност да го прифати предлогот на САД за итен, привремен прекин на огнот во траење од 30 дена, кој може да се продолжи со заеднички договор на страните, под услов Русија да се согласи и истовремено да го спроведе.