Американскиот шеф на дипломатијата Марко Рубио им порача на пратениците дека, и покрај сè поагресивната реторика, администрацијата не планира инвазија врз Гренланд, туку сака да го купи овој огромен остров од Данска. Оваа изјава, дадена за време на затворен брифинг во понеделникот, доаѓа во момент кога Белата куќа јавно не ја исклучува можноста за воена акција, а претседателот Трамп и неговите соработници одбиваат да ја исклучат можноста за заземање територија со сила.
Дека ситуацијата е сериозна, потврди и портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
„Претседателот Трамп јасно стави до знаење дека стекнувањето на Гренланд е приоритет за националната безбедност на Соединетите Американски Држави и дека е клучно за одвраќање на нашите противници во арктичкиот регион“, изјави таа.
„Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна надворешнополитичка цел, а секако, користењето на американската војска секогаш е опција што му стои на располагање на врховниот командант.“
Желбата на Трамп да го купи Гренланд не е нова – тој за тоа зборуваше и за време на својот прв мандат, но сега се чини дека е поодлучен од кога било оваа територија да ја припои кон Соединетите Американски Држави.
Зборовите на Рубио биле изречени на состанок со раководството на Конгресот, на кој учествувале и министерот за одбрана Пит Хегсет и претседателот на Здружениот штаб, генералот Ден Кејн. Главна тема на состанокот била операцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но разговорот се проширил и на други потенцијални воени акции.
Според извори, лидерот на сенатското малцинство, Чак Шумер, директно прашал дали администрацијата планира воена интервенција во Мексико или на Гренланд, на што Рубио, како што се наведува, се обидел да ја смири ситуацијата.
Иако не е целосно јасно дали Рубио навистина ги смирил пратениците, блискиот сојузник на Трамп, сенаторот Линдзи Греам, тврди дека агресивната реторика е всушност преговарачка тактика.
„Сето ова е дел од преговори“, изјави тој.
„Мораме да имаме правна контрола и правна заштита за да ја оправдаме изградбата на тоа место и испраќањето на нашите луѓе на терен.“
Сепак, ваквиот пристап предизвика длабока загриженост кај европските сојузници. Членките на НАТО предупредија дека американски напад врз Гренланд, кој е автономен дел од Данска, би значел крај на деценискиот воено-политички сојуз.
Дека Белата куќа не се откажува од притисокот, покажа и Стивен Милер, еден од најблиските соработници на Трамп, кој во понеделникот на Си-Ен-Ен не ја исклучи можноста за инвазија.
„Никој нема воено да се бори против Соединетите Американски Држави поради иднината на Гренланд“, самоуверено порача тој.
Самиот претседател Трамп беше уште подиректен следниот ден, во вторникот, кога им објасни на новинарите во претседателскиот авион: „Ни треба Гренланд од аспект на националната безбедност, а на Европската Унија ѝ треба ние да го имаме и тие тоа го знаат“, рече тој, нагласувајќи ја важноста на контролата врз Арктикот поради Русија и Кина, како и пристапот до богатите минерални ресурси на островот.
Данската влада се обиде да одговори на безбедносните грижи на Трамп, нудејќи стационирање на поголем број американски војници и нови права за експлоатација на минерали, но Трамп во неделата ги отфрли тие предлози со изјава дека Копенхаген купува „уште едни санки за кучиња“.
Данската премиерка Мете Фредериксен во понеделникот упати досега најостро предупредување. За локалната телевизија ДР изјави дека напад врз членка на НАТО би значел крај на сè.
„Сè би завршило. Меѓународната заедница каква што ја познаваме, демократските правила на игра, НАТО – најсилниот одбранбен сојуз во светот – сето тоа би се урнало ако една земја членка на НАТО одлучи да нападне друга“, порача Фредериксен.
Стравот кај европските лидери е дополнително засилен поради неодамнешните американски воени операции во Венецуела, Нигерија и Иран, кои укажуваат дека Трамп во својот втор мандат е поподготвен да користи сила. Во меѓувреме, додека траат дипломатските тензии и закани, жителите на Гренланд, според истражувањата на јавното мислење, во големо мнозинство се противат на идејата да станат дел од Соединетите Американски Држави.
Текстот Рубио: САД не планираат инвазија, туку купување на Гренланд е превземен од МАКФАКС.























