Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Мото Асоцијацијата на Македонија на МК мото клубови, Министерството за внатрешни работи и Општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата, во текот на оваа седмица во повеќе градови реализираат кампања под мотото „Носи кацига“. Целта на активностите е да се подигне свеста кај возачите на мотоцикли и мопеди за придобивките од користењето на заштитна опрема и почитувањето на сообраќајните правила и прописи заради поголема безбедност на оваа категорија учесници во сообраќајот.

Превентивно-едукативни активности се реализираа во Кавадарци, Куманово, Скопје, Струмица, Крива Паланка, Велес, Битола, Тетово и др., при што беа поделени едукативно-рекламни материјали, а на мотоциклистите им беше посочувано да носат кацига, да возат одговорно и со почитување на пропишаната брзина, да одржуваат растојание од другите возила, да возат согласно временските услови и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со што ќе придонесат за зголемување на безбедноста во сообраќајот на патиштата.

Во летниот период вообичаено се зголемува бројот на мотоцикли и мопеди во сообраќајот. Според статистиката возачите на мотоцикли и мопеди повеќе се склони кон сообраќајни незгоди и повреди во истите отколку возачите на останатите видови возила. Тие, заедно со пешаците и велосипедистите, ја сочинуваат најранливата категорија учесници во сообраќајот. Разни извештаи укажуваат дека возачите на мотоцикли и мопеди во голем процент страдаат во сообраќајни незгоди пред сѐ заради нивната директна подложност кон влијанијата од надворешната околина и условите на патот. Највисок процент на сообраќајни незгоди во кои учествуваат мотоцикли и мопеди се забележани во периодот јуни-септември, особено за време на викендите.

Клучни аспекти за безбедност на возачите на мотоцикли и мопеди, како учесници во сообраќајот, се: одговорното однесување, користењето на заштитна опрема (првенствено заштитна кацига), одржувањето на исправноста на мотоциклот/мопедот и почитувањето на сообраќајните правила и прописи.

Во случај на сообраќајна незгода, повредите на главата се водечка причина за смрт кај возачите на мотоцикли.