Американската агенција за соработка во одбраната вчера објави дека Стејт департментот донел одлука да одобри продажба на борбени возила „Страјкер“ и сродна опрема во вредност од 210 милиони американски долари на Владата на Северна Македонија, јавува 360 степени. Агенцијата го информираше Конгресот на САД за оваа можна продажба на воена опрема на друга држава.
Владата на Северна Македонија на крајот на мината година најави дека ќе го продолжи процесот за набавка на лесни оклопни возила од САД. Според соопштението на американската агенција, станува збор 54 возила од типот „Страјкер“, вклучувајќи варијанти за транспорт на пешадија, командни возила и минофрлачки возила.
Во зделката вклучени се и 50 калибарски митралези М2А1, лансери за чадни гранати М6 и придружни резервни делови, радија од типот Харис, заедничка станица за далечинско управување со оружје (CROWS), напреден GPS приемник, уред за визуелно засилување што би го користеле возачите на овие возила, резервни делови, специјални алати и опрема за тестирање, технички прирачници, обука, услуги за инженерска, техничка и логистичка поддршка на владата на САД… Проценката е дека зделката вреди 210 милиони долари, а за испорака од General Dynamics Land Systems ќе се чека нешто повеќе од една година.
Оваа набавка е, како што соопштуваат од Министерството за одбрана, само продолжување на веќе започнат повеќегодишен проект во 2018 година за набавка на Лесни Оклопни Возила (ЛОВ) како есенцијален проект во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување на Армијата.