Три групи со вкупно 61 државјани на РСМ веќе се евакуирани од Авганистан. Дел од нив се во Дубаи, а дел во Катар, безбедни и на пат кон Скопје, тврди министерот за надворешни работи, Бујар Осамни, додавајќи дека уште 14 наши државјани се уште се наоѓаат во Авганистан.
Освен државјаните на РСМ кои ќе стигнат во нивната татковина, земјата ќе пречека и авганистански бегалци, главно жени и деца.
Владата информира дека преземала обврска за прифаќање на 450 граѓани од локално населените од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и мировните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години биле поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.
„Најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ)“, посочува Владата.
Во известувањето на Владата исто така се вели дека е донесена одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјава, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација. Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, на брз и ефикасен начин да ги завршат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за нивно спроведување до хотелските капацитети во кои ќе бидат сместени.