Крајно време е Европската Унија да ги исполни ветувањата и да ги започне пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, вели германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, кој денеска доаѓа во дводневна посета на Скопје.
– Иднината на Западен Балкан е европска – треба да постапуваме одлучно сега за да нема сомнеж во тоа, пишува Рот на Твитер.
Германскиот државен министер за Европа, на првиот ден од престојот во Скопје, ќе има средба со неговиот домаќин вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, посетата на Рот доаѓа во пресрет на јунскиот состанок на Советот на ЕУ за општи работи, каде што тој ја претставува Германија, па во тој контекст акцентот на разговорот со Димитров ќе биде ставен на надминувањето на предизвиците и изгледите за усвојување на преговарачката рамка за земјава со цел одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
– Со оглед на гласниот и активен ангажман на Германија за време и по претседавањето со ЕУ, оваа посета претставува продолжение на германските напори за заеднички пробив на европскиот пат на Северна Македонија. На состанокот ќе се дискутира и за иднината на Берлинскиот процес и самитот кој што е предвиден да се одржи во Берлин годинава, како и за други теми и прашања поврзани со европската перспектива на земјата и регионот, се наведува во соопштението на СЕП.
Германската амбасада во Скопје, пак, информира дека покрај со Димитров, Рот ќе има средби со премиерот Зоран Заев и со претставници на политичките партии и на граѓанското општество.