За 100 милиони евра португалската фудбалска ѕвезда од Реал Мадрид се пресели во италијанскиот шампион во летото 2018 година.
Кристијано Роналдо после девет сезони одлучи да го напушти „кралскиот“ клуб и потпише за Јувентус каде дојде како големо засилување. А од неговото доаѓање главна цел на „Старата дама“ е освојување на трофејот во Лигата на шампионите.
Јуве последен пат ја покори Европа во далечната 1996 година, а се чини дека оваа сезона е последна шанса барем со искусниот Роналдо повторно да биде на тронот.
Португалецот има договор со клубот од Торино до лето 2022 година, а медиумите во Италија шпекулираат дека можно е играчот да си замине наредното лето.
Јувентус сака да заработи барем дел од вложените пари, според „Калчомеркато“ Манчестер јунајтед повторно има голем интерес да го врати Роналдо на „Олд Трафорд“. „Црвените ѓаволи“ се подготвени да платат 60 милиони евра.
Во февруари ќе наполни 36 години и сигурно дека во Јуве размислуваат за продажба со цел да ја избегнат опцијата на лето 2022 година да си оди бесплатно.